Општина Струга ги информира граѓаните дека, според најновите анализи на Центарот за јавно здравје – Охрид, извршени на примероци од водата во водоводниот систем на градот, водата во Струга е безбедна за пиење.
Врз основа на официјалните резултати од анализите, матноста и останатите параметри на водата се во рамките на дозволените граници, со што се укинува претходната препорака за ограничена употреба на водата за пиење. Водата од водоводната мрежа во Струга може повторно да се користи за пиење и подготовка на храна, соопшти Општина Струга.
Институциите ќе продолжат со редовен мониторинг и контрола на квалитетот на водата, со цел навремено информирање и гарантирање на безбедноста на водоснабдувањето, стои во соопштението.
Состојбата со водата за пиење во Струга се нормализира по речиси еден месец. Причина за кризата беше несоодветна експлоатација на минерални богатства во близина на изворите од кои со вода се снабдуваат градот Струга и околните населени места, за што предмет отвори Јавното обвинителство.
Г.М.













