Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид од вчера е побогата за 60 книги, донирани од Свето Стаменов, политиколог, поранешен новинар на Македонското радио – Радио Скопје и еден од најплодните македонски публицисти во последниве неколку децении, автор, коавтор, приредувач и уредник на осумдесетина книги од различни области.

На пригодната свеченост во Охрид, Свето Стаменов му врачи на претставникот на Библиотеката, Милчо Јованоски, по еден примерок од своите книги: „Блаже Конески – македонски тестамент“, „Свети Климент Охридски и македонскиот културен контекст“, „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“, „Силината на една книга“ (120 години од објавувањето на македонската „златна“ книга „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков), „Слово за зборот“, „Quo vadis, Професоре“ (разговори во политичкиот етер со професор емеритус Димитар Мирчев), „Quo vadis, Македонијо?“, како и двотомните изданија на Свето Стаменов: „Јазикот – нашата единствена комплетна татковина“, „Словенија и Македонија: калеидоскоп на пријателство и дипломатија“ и второто изменето издание на „Охридски разговори“ – I книга (2003–2007) и „Охридски разговори“ – II книга (2008–2013).

Меѓу донираните книги се и зборниците „Навраќање кон Конески“ и „Уште едно навраќање кон Конески“, што Свето Стаменов и Вера Антиќ Стојчевска ги приредија во 2021 година по повод стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, потоа „Од Климента до Блажета“ на Свето Стаменов и Вера Стојчевска Антиќ, „Политиколошки вивисекции“ и „Радио-диоптрии“ на Свето Стаменов и Цане Мојаноски, „Скопски разговори“ на Свето Стаменов и Милан Јазбец, како и првите три книги од шесттомното издание „Македонски безбедносни лавиринти“ на Свето Стаменов и Трајан Гоцевски.

Посебно место меѓу донираните книги им припаѓа на коавторските изданија на Свето Стаменов и Искра Чоловиќ: „Даница Ручигај и книжевната критика“, „Даница Ручигај: Песна над песните“, „Ако влегуваш во овој храм, во кој љубовта е вера, помоли се!“, македонското и српското издание на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“, како и специјалните изданија на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ на македонски, српски јазик (кирилична и латинична верзија) и англиски јазик, објавени по повод годишнината од смртта на Искра Чоловиќ и 90-годишнини од раѓањето на првата македонска поетеса Даница Ручигај (1934–1963). Донирана е и книгата „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“.

Донацијата ја опфаќа и антологијата „Недореченост, о проклета да си“, исто така, на Искра Чоловиќ и Свето Стаменов, како и книгите на Даница Ручигај „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“, што Искра Чоловиќ и Свето Стаменов ги приредија по повод 40-годишнината и 60-годишнината од трагичната смрт на Даница Ручигај, во македонско и српско издание.

Меѓу донираните книги се и „Радиото како судбина“ на Свето Стаменов и Билјана Таневска Спировска, „Дијалогот меѓу религиите и цивилизациите – темел на човештвото“ и „Дијалогот меѓу културите – темел на обединета Европа“ на Свето Стаменов, Билјана Таневска Спировска и Татјана Фоњга Чемерикиќ, „Охрид 2007 – Втор безбедносен форум на Евроатлантскиот партнерски совет“ на Свето Стаменов и Снежана Димовска, како и „Армија на мирот“ на Свето Стаменов и Трајан Гоцевски.

Донацијата ги опфаќа и словенечкото и македонското издание на словенечко-македонската двојазична стихозбирка „Venec za Iskro – Венец за Искра“, како и книги на Александар Сандевски, Надица Лешникоска, Михо Атанасовски, Ристо Стамков, Димитар Ќорнаков, Костадин Кајдамов, Елизабета Кузмановска, Снежана Алексиќ Станојловиќ, Елеонора Пешевска и Милосија Колева Стојановиќ, во кои Свето Стаменов се јавува како уредник или приредувач на изданијата.

Оваа донација е организирана во чест и вечен спомен на Искра Чоловиќ (1960–2023) – животен сопатник и вечна инспирација на Свето Стаменов, доајен на македонското радиоспикерство, новинар и истакнат македонски публицист.

Донацијата на Библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид доаѓа по онаа реализирана во септември во Вашингтон, кога Свето Стаменов ѝ донираше на Конгресната библиотека на САД (Library of Congress) 23 книги од своето творештво, исто така, во чест и вечен спомен на Искра Чоловиќ.

OhridNews