Од утре, 19-ти мај, Охрид ќе биде домаќин на еден од највозбудливите гастрономски настани годинава. Во организација на мрежата на Слоу Фуд (Slow Food) пристигнува светскиот патник и кулинарски виртуоз, Шеф Филип Ондрушек.Ондрушек, кој во својата богата кариера готвел во престижни ресторани со Michelin ѕвезди и подготвувал специјалитети за кралски семејства, денес е предводник на движењето за одржлива гастрономија. Неговата посета на Македонија е посветена на откривањето на автентичните македонски производи и промоција на концептот „Zero-Waste“ (кујна без отпад).

Шеф Ондрушек ќе го посети Зелениот пазар во Охрид, каде ќе се запознае со локалните производители и автохтоните намирници. На Факултетот за туризам и угостителство (ФТУ) – Охрид, студентите и професионалците ќе имаат уникатна можност да учат за современите техники на готвење и одржливоста во угостителството. Во Винаријата „Манастир“ ќе се дебатира за иднината на зеленото угостителство и потенцијалот на македонската гастрономија.

Како круна на престојот, во Летна бавча Канео, Шеф Филип ќе подготви ексклузивно мени инспирирано токму од охридските и македонските вкусови.

Иднината на кујната е во балансот помеѓу традицијата и иновацијата. Македонија има неверојатно богатство од вкусови кои заслужуваат да бидат претставени на светската сцена, вели Ондрушек пред својот почеток во Охрид.

​Настанот е поддржан од Секторот за култура при Општина Охрид, Факултетот за туризам и угостителство, како и бројни локални партнери кои веруваат во моќта на локалната храна и одржливиот развој.

OhridNews