Трето место во категоријата „Best realistic color“ освоија тату артистите од Охрид, Влатко и Маја Грашаровски на Интернационална Тату конвенција во Тирана, во конкуренција од над 60-тина артисти од скоро цела Европа и соседните држави.

Велат единствени учесници биле од Охрид и за нив ова е голем успех бидејќи се работи за Интернационална конвенција со голема конкуренција од високо квалификувани тату артисти.

Имаше многу голема конкуренција, многу квалификувани искусни тату артисти, не очекувавме. Многу сме задоволни, го спомнавме Охрид имаше многу луѓе заинтересирани за Охрид, се надевам дека ќе ни дојдат и тату артисти од Европа за да им покажеме што имаме ние тука. Штета е што тука во Македонија не може да се види ваков настан, каде дружбата и запознавањето со луѓе е непроценливо. Има што да се научи, од секој вид на тату артисти и категории, може да се научи по едно нешто минимум, да се размени искуства, вели Маја.

Тату експо во Тирана траеше три дена и всушност беше избор на тетоважи кои се работат на самото место таму во рамки на фестивалот.

Љубовта кон тетовирањето вели Маја ја развивала низ годините учејќи пред и се од нејзините двајца браќа кои во Тату индустријата се долго време од кои постариот брат веќе 23 години ја врши оваа дејност.

Растев со неговата уметност и смелост да почне нешто во Македонија, во години кога сето ова беше многу неактуелна тема. Стереотипно и со предрасуди се гледаше на тетовирањето. Растев со таа љубов околу цртањето и секогаш се истакнував од другите деца во овој поглед. Подоцна ја пројавив и таа љубов да фатам машинка во рака. За да научиш да тетовираш мора да имаш талент, но и упорност да не се откажуваш лесно. Иако имав многу шанси да се откажам во моментите кога нема да можев нешто да истетовирам па се разочарував, но сето тоа го надминав со помош на моите браќа, а подоцна и со помош на мојот сопруг, кој секогаш е тука за мене за што и му благодарам, вели Маја.

Посериозно почнала да тетовира во последниве десетина години, а многу голем чекор било отворањето на Тату студио во Охрид. Вели тука има голема конкуренција, но е доста мал град и веќе во последните четири години почнуваат да се разбиваат стереотипите и младите веќе немаат проблем околу тетовирањето, а и помладите родители се свесни дека тетовирањето не е нешто страшно, туку дека напротив е украс на телото што може да се носи, а не прави проблем во карактерот на луѓето.

Охриѓани се многу одговорни во поглед на договарање на термини, одлични клиенти се. Имало ситуации кога клиенти сакаат да ги прикријат претходно направените тетоважи, но постои можност со новата технологија и да се отстранат. Оваа тетоважа што ја изработив на последниот натпревар беше едно големо искуство, но ја ставам на второ место, бидејќи првата тетоважа што ја направив и таа беше на Тату конвенција на која лично учествував ми беше клучна за нашето студио, бидејќи бев задолжена и со претставување на градот. Тоа ми беше отскочна даска, за запознавање и на луѓе и од надвор и од градов и можам таа да ја издвојам на прво место, вели Маја.

Навраќајки се кон натпреварите изминатите години на кои имаат учествувано Влатко ги истакнува првото и втрото место кое го имале освоено на Првата интернационална Тату конвенција во Македонија во 2019 година, каде имало артисти од цела Европа.

Првото место го освоивме во категорија за традиционални тетоважи, додека второ место во категорија големи тетоважи во боја. Можност е за запознавање на многу тату артисти, кои потоа раскажуваат за тебе низ нивните држави. Во странство артистите повеќе комуницираат и се дружат меѓу себе. Ги сакам ваквите конвенции и секогаш се тетовирам на истите. И токму овие тетоважи повеќе ми значат и ако плус се освои награда нормално уште повеќе значи самата тетоважа, вели Влатко.

Како Студио велат гледаат секаде каде се во можност да учествуваат, напоменувајќи дека на истите се строго забранети парични награди.

Не се ни бориме за парична награда. Истите се секогаш во некоја форма, дали во форма на слика, филиграни, медали со изгравирани име на конвенцијата, дата, категорија во која се добила наградата. Тоа што ќе го добиеме е само доказ за она што го работиме, за квалитет и професионализам, вели Влатко.

Низ годиниве наназад имаат и охриѓани кои се тетовираат, но и туристи. Доста сме познати кај Холанѓаните, велат, кои доаѓаат во туристички посети на Охрид, а за позитивно искуство говори и фактот што не имаат предложено на страни каде разменуваат искуства за престојот во Охрид, во однос на тоа што треба да се посети. Тоа многу ни значи и е доказ за нашата работа, додаваат.

Во нашава држава имаме тату артисти кои слободно можам да кажам и нема да претерам но може да се рангираат на светско ниво во квалитет. Индустријата е на високо ниво, имаме достапност до најквалитетни материјали со кои работат и светски тату артисти. Малку е жално за нашава држава што сите наши артисти одат да работат во странство. Ние сме биле во странство да работиме и сме заработувале многу повеќе и луѓето добиваат за пониски цени висок квалитет. И затоа не примаат во странство како тату артисти, вели Влатко.

Секоја тетоважа вели Маја си има своја убавина, таа е посебна уметничка слика и не на секого му се допаѓа истата тетоважа. Бидејќи има и различни стилови.

Големите тетоважи претежно ги класифицираме како проекти бидејќи никогаш не може да се направи наеднаш. Бидејќи кожата самата по одредени часови тетовирање ја отфрла бојата, создава иритација, црвенило и тука веќе не може да се работи, а и нормално човекот кој ја трпи болката не може да издржи. Најголем проект ми е всушност тетоважа на цел грб, која ја правев во неколку сесии, за многу кратко време за околу две три недели. Дел од тату артистите не се нафаќаат ова да го прават од причина што тоа е многу заморно да се постигне, но јас се нафаќам. Како најголем рекорд ја сметам тетоважата на цел ракав изработена за четири дена на турист од Шведска, кој доаѓаше секој ден по десет часа. Тетоважата беше многу убава, вели Маја.

Интересна професија, мало студио, но голема професионалност и секако интимност во поглед на тоа што многу луѓе доаѓаат со приказни за ние да им склопиме тетоважа. Може да биде тажна приказна, весела велат, додавјаќи дека сакаат да работат дизајни за кои клиентите им даваат само идеја, но и нивни дизајни, а изработуваат и тетоважи кои самите клиенти ги имаат одбрано.

Тетоважите потребно е да се негуваат велат, а за периодот кога е најдобро да се направи тетоважата велат можеби кога е постудено.

Во летниот период имаме достапна специјална фолија за заздравување на тетоважите, со заштитен фактор од сонцето. Нема никакви шанси да се фати бактерија, инфекција и сл. Најдобро нешто што ни е понудено. Подобро е да се направи додека е постудено, поради потење на кожата. Но, со оглед дека туристи ни доаѓаат во летниот период и нашите кои живеат во странство и го користат тој период додека се тука, обично ги тетовираме пред да си заминат ден, два за да се негуваат како што треба. Додека за нашите сограѓани немаме проблем тие ќе си се придржуваат до препораките, додаваат.

Меѓу поинтересните несекојдневни тетоважи ги издвојуваат кога странци имаат побарано тетоважа со охридска регистрација, потоа нашето македонско знаме, тетоважи кои ќе ги потсетуваат странските туристи дека биле и ја посетиле Македонија.

Кога се влегува во Студио за тетовирање се влегува во светот на уметноста. Тетоважите се израз на душата, а секој сегмент од нашите тетоважи имаат значење. Парите си доаѓаат и си одат, но тоа што ќе го направиш останува засекогаш. Тетоважата е еден спомен кој останува заклучуваат Маја и Влатко.

Н.С.Ј