Еден од најдобрите машки балкански поп вокали, на најдобар можен начин ја „материјализира“ својата популарност, одржувајќи концерт во Белградската  арена, на кој присуствуваат повеќе од десет илјади фанови…очекувано од женски пол! Имаше додуша и момчиња кои беа придружба на своите девојки, дозволувајќи си себеси на Денот на заљубените да подлегнат на „тошеманијата“!


Како и да е, Тоше Проески со овој концерт ги оправда очекувањата во потполност! Тоа пред се се однесува на неговата беспрекорна интерпретација, со која на публиката и ги испеа своите бројни хитови. Како што се претпоставуваше, најбурни реакции имаше на песните „Чија си“, „Тајно моја“, „Ко ти гризе образе“, „Лејди“ и „Пратим те“, со која, откако се прекрсти, Тоше го започна концертот.

Освен момчето Македонче, одличен впечаток оставија и Македонскиот симфониски оркестар, фолклорната група и италијанската пејачка Џана Нанини, која со Тоше отпеа дуетска нумера, неодамна снимена, но и Биљана Крстиќ и Александра Милутиновиќ, кои со него ги испеаја „Јовано, Јованке“, односно „Хилјаду и двеста милја“!

Тука беше и Жељко Самарџиќ, кој пред почетокот на концертот го посети Тоше во соблекувалната и му пожела успех, што на младиот пејач му беше изгледа голема сатисфакција. Толкава што при обраќањето до публиката се заблагодари и на седокосиот колега, најавувајќи го неговиот скорашен концерт на истото место.

И додека на секој посебно во велелепната хала кожата буквално им се ежеше од емоциите кои ги предизвика овој популарен пејач со својот глас и песни, судејќи по реакцијата на познатите, кои ги имаше во голем број, дури и тие навикнати на се и сешто не останаа имуни, така што секоја песна ја испратија со аплауз и пеење.

„Посакав овој концерт никогаш да не заврши“, изјави Тоше синоќа, а ние, како и сите останати во Арената, ќе се сложиме со него и ќе додадеме – кој вели дека само светски познатите имиња умеат да направат спектакуларен концерт?!

YuStar.de (Германија)
Kurir Beograd

С. Костоски