Со вклучени сирени и дефиле по улиците низ Охрид пожарникарите од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Охрид го одбележаа 20 Мај Денот на пожарникарите. На настанот присуствуваа претставници на службата, претставници од Фронтекс, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, како и најмалите, учениците од ОУ „Григор Прличев“.

Настанот започна со дефиле во кое учениците имаа можност да се повозат со возилата, но и да се запознаат со професијата пожарникар и опремата која ја поседува службата во Охрид.

  • Многу брзо беше возењето, многу интересно и многу беше гласно свирењето на сирените. Во пожарната видовме многу седишта, црева за вода ако е нешто изгорено да се изгасне, облека за пожарникарите, вели Доротеа
  • Беше многу интересно и многу убаво. Многу брзо се вративме, свртивме цел круг и ми беше многу интересно се дружевме внатре во возилото со другарчињата. Автомобилите застануваа за да поминеме ние со возилото, вели Стефани.

Заменик командирот Коста Кузмановски истакна дека и годинава традиционално се одбележува 20-ти Мај, посочувајќи дека ТППЕ Охрид веќе ги надминува балканските рамки и се движи кон европските стандарди.

После 25 години се набавени нови интервентни униформи за сите 40 припадници на нашата единица. Со тоа безбедноста на пожарникарите е на едно високо ниво, а со тоа и безбедноста на граѓаните на Општина Охрид, Општина Дебрца, како и на туристите кои претстојуваат во нашиот град. Во соработка со локалната самоуправа, набавено е доста опрема во изминатиот период, така што можам да кажам со задоволство дека излегуваме од тие балкански рамки и веќе се ближаме кон европските рамки. Службата во моментов брои 40 пожарникари. Постои голем интерес за нашата служба и се надевам дека во следниот период ќе имаме и некои курсеви за да се направи правилна селекција, бидејќи едно е желбата, а други се можностите, рече Кузмановски.

 

Дејв Бери од Службата за противпожарна и спасувачка служба во Манчестер ја потенцираша улогата на Фронтекс, хуманитарна група која помага со опрема и тренинг на сите служби во Охрид и Македонија, најавувајќи при тоа дека во следниот период се предвидени обуки на пожарникарите во ТППЕОхрид.

Имав можност да ја посетам ТППЕ Охрид годинава и минатата година, да поразговарам со командирот и заменик командирот. Ентузијазмот на пожарникарите е едноставно прекрасен, фантастичен. Ми ја покажаа својата опрема, ми ја покажаа својата лична заштитна опрема, има навистина добри инвестиции. Тоа што разговарав со раководството тука е дека ќе помогнеме со обука во следните неколку години. Ние сме посветени на тригодишна програма. Ќе донесеме дел од најновите обуките што ги практикуваме во Велика Британија, дел од обуките што се донесени и од САД… Ќе им помогнеме на пожарникарите овде да бидат најдобри што можат за луѓето од Охрид, додаде Бери.

Во рамки на настанот градоначалникот Пецаков му врачи плаќета на најдобриот пожарникар, Темелко Колоски.

Н.С.Ј.