Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски и генералниот претставник на Синохидро во Македонија Чен Чен денес го потпишаа Анексот бр.8 од Договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид. Претходно анексот го потпишаа заменик претседател на Владата задолжен за политички систем Љупчо Димовски, и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Со Анексот бр. 8 од Договорот треба да се овозможи дозавршување на градежните работи на автопатот во изградба, при што се предвидуваат дополнителни 186 милиони евра, и краен рок за завршување 31 мај 2027 година. Ова е потребно заради непредвидени и дополнителни нови градежни работи кои се нужни и неопходни за целосно и квалитено завршување на проектот и на активности поврзани со санација на 14 свлечишта и обезбедување на глобална стабилност, еластична одбојна ограда со примена на EN 1317 Стандард, изградба на контролен центар и дополнителните работи за изградба на паралелни патишта, велат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Со ова, посочуваат, се надминати проектните предизвици со косините и свлечиштата и може да се продолжи поинтензивно со градежните активности.

Во изминатиот период, посебно во минатата година, со силна поддршка на Владата се забрза напредокот на проектот па така на 13 јули, 7 септември и 31 декември 2025 година предвремено се овозможи пуштање во сообраќај на 13,5 км, 12,34 км и 2,12 км од првите делови од главната траса на потегот од Врбјани до Ботун, како и Климештани-Охрид, со вкупна должина на двата коловоза од 27,96 км., потенцираат.

Исто така, додаваат од претпријатието, беа изградени и дел од пристапните патишта за околните села, при што се постигнаа значајни резултати во текот на различните фази на изградбата.

OhridNews