Учениците од седмо одделение при ООУ „Братство Единство“ – Охрид реализираа успешна наставно-научна екскурзија со посета на Природно-математичкиот факултет во Скопје, каде имаа можност непосредно да се запознаат со современиот пристап во изучувањето на природните науки.

Едукативната посета беше организирана со цел поттикнување на љубопитноста, критичкото размислување и интересот кај учениците за науката и истражувачката работа. Во текот на програмата, учениците присуствуваа на инспиративно предавање по математика, активно учествуваа во демонстрации и експерименти од областа на физиката, а преку интерактивни презентации и практични активности се запознаа и со содржини поврзани со географијата, велат од училиштето.

Посебен впечаток кај учениците, посочуваат, оставија практичниот пристап и можноста стекнатите теоретски знаења да ги согледаат преку конкретни примери и научни демонстрации.

Ваквите активности, според организаторите, претставуваат значаен сегмент во образовниот процес, бидејќи придонесуваат кон развивање на истражувачкиот дух, креативноста и мотивацијата за понатамошно учење.

Училиштето упатува особена благодарност до проф. д-р Анета Гацовска Барандовска од Институтот по математика, проф. д-р Ламбе Барандовски и проф. д-р Оливер Зајков од Институтот по физика, како и до проф. д-р Горан Китевски од Институтот по географија, за топлиот прием, гостопримството и одлично организираните активности во кои учениците активно учествуваа.

Наставно-научната екскурзија помина во исклучително позитивна и работна атмосфера, исполнета со ентузијазам, активно учество и голем интерес од страна на учениците, кои со задоволство ги прифатија новите искуства и знаења, додаваат од училиштето.

OhridNews