Во организација на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Општинскиот совет за детско престапништво Охрид, на 16 и 17 април 2026 година во Охрид ќе се одржи сообраќајно едукативниот проект „Општински семафор 2026“ наменет за едукација на децата и младите од областа на сообраќајот и јакнење на нивната сообраќајна и безбедносна култура.

Утре со почеток во 09.30 часот, по извршено регистрирање на учесниците од основните училишта, ќе биде спроведено теоретското тестирање на екипите со полагање сообраќајни тестови а задутре од 09.30 часот, на сообраќаен полигон поставен на кеј „Македонија“, ќе се реализира практичниот дел на кој ученичките екипи ќе ги покажат своите сообраќајни знаења и вештини преку управување велосипед, информираат од СВР Охрид.

Во рамките на предвидените активности на 17 април, на кеј „Македонија“, посочуваат, ќе биде одржан сообраќаен квиз за средношколци, симулациска показна вежба за прва помош, аукција и наградување на најдобрите ликовни творби, читање и наградување на најдобрите литературни творби а ќе биде изведена театарска претстава „Чувари на улицата“.

Во 13 часот, на екипите учесници ќе им се обрати градоначалникот Кирил Пецаков по што, ќе следи прогласување и доделување награди на победниците од основните и средните училишта. Предвидените активности ќе бидат обезбедувани од полициски службеници од СВР Охрид кои ќе бидат дел и од стручната оценувачка комисија, додаваат од СВР Охрид.

OhridNews