Со главна расправа, утре во Основен суд Охрид започнува судењето за нападот врз 26-годишната девојка од Охрид, Сара, од страна на 31-годишниот охриѓанец Кристијан. Предметот ќе го води судијата Александра Поп Стефанија, а од судот соопштија дека за овој како и за сите останати предмети ќе обезбеди транспарентост во законски рамки.

Основниот суд во Охрид му одреди мерка притвор во траење до 30 дена, а Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинение против напаѓачот за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
При вршење семејно насилство, обвинетиот противправно ја затворил, физички ја нападнал, телесно ја повредил и ја загрозил сигурноста на оштетената. Во текот на денот, со цел испитување на настанот, јавниот обвинител презеде повеќе дејствија. Испитана беше оштетената во присуство на социјални служби и беше наредено и извршено вештачење на видот и карактерот на нејзините повреди. Заедно со обвинението, а имајќи ги предвид утврдените околности во предметот, јавниот обвинител до Судот достави предлог за определување мерка притвор за обвинетиот кој беше обезбеден за цело време од поведување на постапката, соопштија тогаш од Обвинителството.
OhridNews











