Утре започнува реконструкцијата на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Почетокот на реконструкцијата ќе го означат премиерот Христијан Мицкоски, генералениот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, и заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

Реконструкцијата опфаќа проширување на капацитетите, како и изградба на нова терминална зграда.

Реконструкцијата ќе биде прва од тој тип од неговото градење. До скоро беше нелегален објект, го имавме пред нас, но на хартија го немаше. Успеваме да го легализираме, што е срамно за државата еден од двата аеродроми да го немаш на хартија. Тоа беше тежок процес затоа што треба да впишете цел аеродром и цела инфраструктура. Но, тоа е завршено и следно е реконструкцијата што ќе донесе повеќе летови и патници. И очекувам туристичкиот дел да се насочи таму, а бизнис делот да доаѓа во Скопје, рече неодамна министерот за транспорт и врски Александар Николоски.

Од утре започнува и летниот распоред на летови од двата македонски аеродроми. Од аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, 8 авиокомпании ќе летаат до 17 дестинации, од кои 14 се редовни дестинации преку целата година и сезонски дестинации, додека три се чартер-летови.

По воведувањето на новата авиолинија од Охрид до Милано која започнува од утре, 29 март, во јуни Виз ер ќе почне да лета и од Вроцлав и Катовице до Охрид. Од 17 мај, Аустриан ерлајнс ќе почне со летови од Охрид до Виена. Претходно овој месец, на 17 март, Виз ер веќе започна да лета од Охрид до Братислава.

Н.С.Ј.