Утре со почеток во 20 часот во Култ Културен Центар во Охрид ќе биде отворена изложбата „Гласни тишини” на нашиот реномиран и мошне автентичен ликовен уметник Никола Пијанманов. Рецензент на изложбата ќе биде Тони Попов, сликар и поет.
„Постојат ли гласни тишини?“ Живееме во еден брз и гласен свет. Преплавени со реклами и непотребни информации, со технологија која создава кич и го нарекува уметност. Во еден таков свет, во своето ателје на југот, Никола Пијанманов одбрал да создава. „Да се биде уметник, значи да се постои во светот на тишината“, вели уметничката Луис Буржоа (Louis Bourgeois). Но може ли во ваков свет да се опстои во тишината на ателјето? Постојат ли гласни тишини? Може ли тишината да се чуе? Никола верува дека може. И ете ја, на прагот на неговото ателје, неговата слаба, кршлива силуета. Се плаши ли пред да влезе во таа тишина? Тоа е сосем неважно. Тој сепак влегува, вели за изложбата Попов.
Посочува дека таму внатре, во тоа подвизување, пред да ги наслика своите идеи, тој го набљудува светот. Таму внатре, тој плаче за светот, зашто човек што не плаче, не ни чувствува, а од тој плач ја црпи смелоста да ни ги покаже трагедиите со кои живееме, тажните пејзажи на нашето секојдневие: човекот кој согорува во својата болка, изглоданата црвеноперка од едно езеро кое умира пред нашите очи, тагата на сите расплакани девојчиња…
Постои ли надеж? ќе се праша гледачот додека ги гледа овие стравотии. Постои, вели тој и не застанува кајпаѓањето на лисјата, туку оди понатаму и слика расцутено гранче кое пркоси на студенилото, ја слика со оган тивката пролет која го топи снегот. Ја слика надежта. На крај, тука е и портретот на визионерот Никола Тесла. Иронично, генијот, сонувачот, човекот кој ја имал струјата во џеб, овде го гледаме опкружен со темнина, со свеќа во раката. Но смееме ли ние како гледачи, овој портрет да го гледаме и како автопортрет? Секако дека смееме. Ете го нашиот Никола, во тишината на своето ателје, ја држи четката како свеќа и вели: ќе светам. А светлината свети во темнина и темнината не ја опфати, додава Попов.
Изложбата е поддржана од Општина Охрид.
OhridNews













