На 02ри април 2026 година, со почеток во 19:00 часот, во просториите на Филмскиот институт ФИОФА – Охрид, во рамки на програмата на Кино „Четврток“, ќе се одржи „Вечер на кратки филмови“, посветена на локалните автори и нивните филмски приказни.

Публиката ќе има можност да проследи избор од шест кратки филмови, кои преку различни теми и пристапи го отсликуваат културниот, историскиот и современиот дух на Охрид и пошироко. На репертоарот се:

  • „Охридските пливачки легенди“ – Љупчо Паункоски
  • „Раскажи песно: Охрид, Охрид убав мил“ – Илија Пиперкоски
  • „Начинот на Чипан“ – Антонио Вељаноски (Архрид)
  • „Обичен Херој“ – Јован Цветкоски (5 до 12)
  • „Охридското кино Парадизо“ – Ѓоко Симјаноски
  • „Неми филмови“ – Димитар Димоски (Фокус Покус).

Филмовите носат различни перспективи – од зачувување на архитектонското наследство, народната музика и спортските легенди, до интимни човечки приказни и сеќавања на кино културата во Охрид. Влезот за настанот е со минимум донација од 100 денари, а сите собрани средства ќе бидат наменети за хуманитарни цели, велат од Културолошка Иницијатива 5 до 12.

Со оваа вечер, посочуваат, Кино „Четврток“ продолжува да ја поддржува и промовира локалната филмска сцена и авторите кои создаваат значајни приказни.

Кино „Четврток“ е иницијатива на Културолошка Иницијатива 5 до 12, која има за цел да придонесе кон враќање на кино културата во Охрид и да понуди континуирана филмска програма за публиката во градот.

OhridNews