Велигденското јајце црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото воскресение. Првите Христијани и современици на апостолите почнале да вапцуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувјаќи се со радосниот поздрав Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина воскресе!

Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во Воскресението. Оваа практика и до ден -денес е запазена во Светото Православие, па верниците со овој поздрав се поздравуваат се до Вознесението Христово, Спасовден.

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и Христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Бојата на јајцето не потсетува и на крвта Христова и на спасението.

Православните христијани на Велигден подарувајќи си црвено јајце еден на друг или кршејќи се со него, всушност го симболизираат Христовото Воскресение и нашето спасение: победата над смртта – смрт на смртта. Затоа, овој обичај е израз на вера во Христовото Воскресение и вера во воскресение на мртвите. Тоа е надежта во спасението и идниот живот.

OhridNews