Река верници од Охридскиот регион и државава викендов се слеа во село Оровник, Општина Дебрца, каде за прв пат беа донесени моштите на Светата великомаченичка Недела. По тој повод во манастирот посветен на светителката се одржаа богослужба и света архиерејска литургија во присуство на митрополитите на МПЦ Петар, Георгиј и Климент и свештенството на Дебарско-кичевската епархија, како и свечена литија на која присуствуваше многуброен народ.
Моштите во Оровник беа донесени во саботата од црквата Св. Недела во Битола, каде денеска беа вратени.
Овој свет чин се реализира на иницијатива на Црковниот одбор при манастирот „Св. Недела“ во Оровник, неговите градители – семејството Нелоски, свештенството од Дебарско-кичевската епархија, со благослов на митрополитите г. Георгиј и г. Петар и поддршка на локалната заедница, Општина Дебрца и бројни помагатели.
Света Великомаченица Недела е почитувана христијанска маченичка од III век, симбол на непоколеблива вера и духовна истрајност, која страдала за Христа и оставила силно сведоштво што и денес ги инспирира верниците.
Манастирот „Св. Недела“, сместен над селото Оровник, со децении претставува место на силна духовна традиција и собиралиште на верници, особено на празникот посветен на светицата. Со носењето на нејзините мошти, традицијата добива нова димензија.
Како изгледаше ова познато светилиште изминатиот викенд погледнете низ фотографиите што ги направи нашата екипа:
Верата е силна во Охридско
Г.М.
Фото: Гоце Цветков, Горан Момироски, Бобан Стојаноски























































































































































































































