ЈП „Охридски Комуналец“ преку хуман третман на кучињата скитници ќе го решава проблемот за кој години нананзад не е преземено ништо.

По направената анализа утврдив дека имаме административни, правни и пред се финансиски пречки за да можеме да отвориме стационар или во најмала рака прифатилиште во Општина Охрид што претходно било предвидено во областа Мауцхер. Поради неможност да се донесе урбанистички план се решивме на чекорот со хуман третман на бездомните животни за што беше објавен и јавен оглас. Вчера беше склучен договорот, а денес службите на економскиот оператор се веќе на терен во Охрид на претходно мапирани делови на градот каде што има кучиња скитници. Со овој хуман третман ќе бидат опфатени околу 80 до 90 кучиња, вели во емисијата „Интервју“ на OhridNews директорот на ЈП „Охридски Комуналец“ Саше Најдески.

Станува збор за економски оператор од Општина Демир Хисар кој има склучено договори и со други општини и успешно се справува со предизвиците околу кучињата скитници, истака Најдески.

Хуманиот третман на кучињата ќе се врши во специјализирана ветеринарна станица, што би опфаќало преглед на кучињата, вакцинација, кастрација или стерилизација, чипирање и нивно враќање на заловеното подрачје. Дел од кучињата кои ќе бидат во прифатилиштето ќе бидат понудени и за вдомување, рече Најдески.

Во 2021 година до ЈП „Охридски Комуналец“ биле доставени 29 пријави за каснување од куче, а заклучно со март оваа година две. Отштетата, вели директорот, е многу голема и ќе треба да ја плати претпријатието.

Најдески додава дека има предлози од Југозападниот плански регион повеќе општини да учествуваат во заедничко решевање на проблемот со бездомните кучиња, но  се уште не е ништо дефинирано.

OhridNews