Осигурениците изминатата година поднеле 136 претставки до ФЗОМ за кршење на правата од здравствено осигурување, сомневања за незаконска наплата на средства, бројката на вкупни јавувања е рекордна за било која државна институција, соопштува Фондот.
Изминатата 2011 година на инфо-линијата која ја отвори Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) регистрирани се вкупно телефонски 13.356 повици, а на инфо-мејлот биле пристигнати 14.625 прашања.
Фондот воведува контрола во втора смена од која ќе може да изврши увид на терен по директна пријава на осигуреници.
„Тимовите за контрола ќе работат во две смени, и тоа прва смена од 08:30 од 16:30 часот и втора смена од 12 до 20 часот. Со воведувањето на втората смена ФЗОМ очекува олеснета комуникација на осигурениците при појавување на потреба да ги остварат своите права, да ги пријават неправилностите и да посочат на незадоволство од работењето на здравствените установи. Истовремено ова е ефикасен начин кој овозможува директна информација, итно излегување на терен на контролори и можност да се направи увид во моменталната состојба на работењето на Здравствените установи“, соопштуваат од ФЗОМ.
Осигурениците најчесто се интересираат за листите за чекање за новата медицинска опрема, помош при остварување здравствени услуги со новиот начин на упатување, Пријава за наплата на средства во ПЗЗ (гинеколози, матични лекари) – спротивно на закон, помош при избор на лекар кога пациентот се одбива (ова посебно важи за матичните гинеколози).
Сите неправилности граѓаните може да ги пријават на бесплатниот телефонски број 0800 33 2222 од 8 до 20 часот и на мобилен телефон 076 339 180 од 12:00 до 20:00 часот и на електронска пошта [email protected].
Извор:Макфакс