Во текот на викендот, на малиот плоштад во Охрид се одржа промотивен настан со дегустација на локална храна, во рамки на проектот „Од домашна кујна до локален бренд“, организиран од Здружението Центар за општествен развој ЦОР ИМПАКТ Охрид, со финансиска поддршка од Општина Охрид преку ReLОaD Програмата.

Целта на проектот е да ги поттикне луѓето кои произведуваат домашна храна да го препознаат потенцијалот на своите производи како дел од туристичката понуда на градот. Преку промоција, видливост и практично искуство, проектот отвора простор за развој на нови мали локални бизниси базирани на традиционални рецепти, домашно производство и локален идентитет, велат организаторите.
Посочуваат дека храната е еден од најпрепознатливите елементи на Охрид и регионот, а токму автентичните локални вкусови сè почесто претставуваат важен дел од искуството кое туристите го бараат при посетата на дестинацијата.
Проектот, додаваат, придонесува кон поголема видливост на домашните производители и нивно постепено вклучување во локалната туристичка и економска понуда, преку зачувување и промоција на традицијата и старите рецепти, посочувајќи дека од Општина Охрид го препознаваат потенцијалот на локалната храна како важен дел од туристичкиот идентитет на градот и затоа даваат поддршка на иницијативи кои ги поврзуваат традицијата, локалните производители и туризмот.
OhridNews


















