Пред одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за утврдување на цената на горивата кои се очекува значително да поскапат, Владата на вонредна седница одржана денеска донесе одлука да го намали ДДВ-то за горива од 18 на 10 проценти. Целта е да се заштити стандардот на граѓаните и да се обезбеди стабилност на цените, изјави на прес конференција премиерот Христијан Мицкоски.

Според цените на Италијанската берза кои се земаат за основа за формирање на цената на горивата и кај нас, од 16-20 март цената за премиум безоловен бензин изнесува 1075 долари по тон, што ќе предизвика зголемување од 6,5 денари по литар, додека цената на дизелот изнесува 1305,85 долари по тон што ќе предизвика зголемување на малопродажната цена на дизелот од 10,5 денари по литар. Со намалување на ДДВ-то ќе спречиме поскапување на бензините, односно нивната цена ќе остане иста, а за дизелот ќе апсорбираме 7 денари по литар. Но, очекуваме дополнително да се амортизира цената на дизел горивото со попуст од производителите и дистрибутерите, истакна премиерот Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски најави намалување на ДДВ-то за горивата за да се спречи раст на цените. Фото: Архива Охридњуз.

Тој истакна дека е разговарано со ОКТА која одобрила попуст од 2 денари по литар, а утре ќе се разговара и за дополнителен попуст. Додаде дека Македонија има убедливо најниски цени на горивата во регионот, а мерките имаат за цел да обезбедат економска стабилност и да спречи раст на цените.

Ќе има засилени контроли на пазарот за да се спречи секој обид за неетичко однесување на ланците во маркетите и ќе продолжиме да ја следиме состојбата, рече Мискоски.

Прес конференција на премиерот Христијан Мицксоки

Тој посочи дека пониските цени на горивата кај нас создаваат и одреден притисок од граѓани од соседните држави кои доаѓаат да точат гориво во земјава. Најголем е притисокот во граничните места, меѓу кои и во Охрид, истакна Мицкоски.

Во овој момент не гледаме причина да го ограничиме како Влада користењето на нашите ресурси од граѓаните од соседните земји. Кога порано се случуваше естрада поради донација од 5000 вакцини сега гледате како граѓани од соседните земи доаѓаат кај нас и точат гориво бидејќи така заштедуваат и на тој начин го штитат својот стандард во нивните земји. Онаа Македонија која коленичеше за да добие некаква донација сега рефлектира стабилност и претставува фактор на стабилност за граѓаните од соседните земји. Но, доколку дојде до предизвик ќе донесеме одлука со која ќе го ограничиме конзумот и износот, рече Мицкоски.

Премиерот рече дека енергетската состојба во земјата е стабилна. Државни резерви на гориво има за шеесеттина дена, конечно активиран е и нафтоводот каде имаме количини на гориво и акумулирана е и доволно енергија во енергосистемот.

Одлуката за намалување на ДДВ-то на сила ќе биде две седмици, по што состојбата повторно ќе се ананализира.

Г.М.
Фото: Архива Охридњуз