За 18 месеци отсега Заводот за лекување, рехабилитација и превенција на кардиоваскуларни заболувања од Охрид ќе се пресели во нов објект кој се гради во рамки на специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“. Градежните работи ги изведува фирмата „Виа“ од Вевчани, а вкупната инвестиција што ќе ја обезбеди државата е во висина од околу 215 милиони денари. Ова денеска го најави премиерот Никола Груевски кој во рамки на работниот престој во Охрид го посети градилиштето во болницата „Св. Еразмо“.
-Се работи за темелна реконструкција на овој објект и во еден дел доградба од околу 5000 квадрати, којшто некој го започнал кон крајот на осумдесеттите години и го оставил. Ние сега се навраќаме на тој дел. Ќе се изврши доградба и тука ќе се смести кардиолошкиот завод којшто ќе има доволно голем простор, дури ќе има и простор за проширување на дејноста. Објектот пак во кој работи специјалната болница „Св. Еразамо“ ќе биде целосно реконструиран.-изјави Груевски.
Се очекува градежните работи во специјалната болница „Св. Еразмо“ каде ќе се пресели Заводот за кардиологија да завршат до средината на 2017 година.
Груевски денеска ја посети и општата болница во Охрид каде од неодамна во функција е ставен мамограф.
-Охрид немаше до сега мамограф. Градот доби најсовремен дигитален мамограф којшто верувам ќе придонесе да се спасат многу животи. На него работат двајца лекари, а уште двајца се испратени на специјализација.-додаде Груевски.
Премиерот Груевски денеска ја посети и црквата Св. Богородица Перивлепта каде во тек е конзервација на фрескоживописот.
-Се работи за најквалитетната конзервација изведена некогаш во Македонија во цркавата Св. Богородица која е една од најзначајните во нашата земја. -истакна Груевски.
При посетата на Перивлепта стручните лица од Завод и Музеј Охрид го информираа премиерот дека за време на истражувањата на комплексот пронајдени се артефакти од голема вредност.
OhridNews