Традиционално и годинава моштите на „Свети Георгиј Победоносец“ и неговата чудотворна икона на 7 мај, ден по Ѓурѓовден носени во торжествена литија низ струшките улици ќе го осветат градот на поезијата.

По отслужената вечерна богослужба, со која ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско кичевски Георгиј, заедно со митрополит Тетовско – гостиварски Јосиф и свештенството од Дебарско-кичевската епархија, Литијата ќе тргне од дворот на црквата „Свети Георгиј“. Со традиционалните торжества, како што информира отец Васко Голабоски, но и новини ќе помине низ струшките улици, покрај кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата и повторно ќе се врати во црковниот двор.

Поворката ќе ја најави звукот на клепалото. Следува ред од млади облечени во стихари, кои ќе носат црковни рипиди и бајраци. По нив следува чудотворната икона на Свети Великомаченик Георгиј од истиомениот храм во Струга носена од четворица угледни граѓани. Редот ќе продолжи со благочестиви граѓани облечени во свечени стихари со развиорени црковни знаменија. Следува Градскиот дувачки оркестар на Град Скопје и оркестарот на државното средно музичко училиште „Тодор Скаловски- Тетоец“ од Струга, торжествено интонирајќи ги празничните химни. Традиционално покането е во поворката учество да земе целото монаштво на манастирите од епархијата и целата наша Македонска православна црква, изјави Голабоски.
Новина годинава, додаде тој, е збогатувањето на литијата со членовите на културно уметничките друштва „Илинден од Струга“ и „Дримкол“ од Вевчани, облечени во локални народни носии, по што празнични одежди ќе се движи свештенството и архиереите, по кои доаѓа раскошно украсениот цветен епитаф со чесните мошти на „Свети Георгиј“. По што ќе следува мноштвото верници.
Оваа година посебност е што литијата ќе добие хуманитарен карактер, собраните средства ќе бидат наменети за лица на кои им е потребна помош.
По завршувањето на Литијата во дворот на храмот ќе биде приредена културно уметничка програма.
OhridNews













