Во март во Охрид се издадени шест, во Струга девет, а во Дебрца две одобренија за градење покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во Охрид пет одобренија се за објекти на кои инвеститор е деловен субјект, а само едно е издадено на физичко лице. Предвидена е градба на 105 станови со вкупна површина од 5 934 м2 од кои најголем број двособни, се наведува во податоците.

Во Струга издадени се седум одобренија на инвеститор правен субјект, а две одобренија на физички лица за изградба на 22 станови. Во Општина Дебрца издадени се две одобренија на деловен субјект како инвеститор.

На ниво на држава во март 2026 година се издадени 245 одобренија за градење, што е за 26.6 % помалку во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 148 (60.4 %) се наменети за објекти од високоградба, 31 (12.7 %) за објекти од нискоградба и 66 (26.9 %) за објекти за реконструкција.

Од вкупно 245 објекти, на 136 (55.5 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 109 (44.5 %) објекти инвеститори се деловни субјекти. Во извештајниот период е предвидена изградба на 618 станови со вкупна корисна површина од 53 718 м2.

OhridNews