Со доделување на признанија на тринаесет најдобри наставници од предучилишното, основното и средното образование за учебната 2025-2026 година, Министерството за образование и наука и Сојузот на просветни работници го одбележаа 5 Октомври – Светскиот ден на учителите.

Квалитетни наставници има многу. Но, меѓу нив, Сојузот ги избра оние кои со своите резултати, признанија, награди и посветена работа во изминатата учебна 2025-2026 година се издвоиле како пример за професионалност и посветеност. Ова признание нека биде причина да бидете горди на тоа што го постигнавте, но и мотив да продолжите да работите со ист ентузијазам. Споделувајте ги своите знаења и искуства со колегите и покажувајте како се создаваат добри ученици и добри генерации, бидејќи преку нив создаваме стабилна иднина на нашата држава, им порача Јаневска на наградените наставници.
Посочи дека МОН и Владата се грижат за сите наставници да бидат што позадоволни од работата што секојдневно ја вршат и во таа насока, за две години платите во училиштата се зголемени за над 20%, а во високото за 14%.
Мерките за кариерно напредување ги искористија над 300 наставници и стручни соработници кои се унапредени во звање ментор или советник, а преку обуки на Бирото за развој на образованието и други партнерски институции и организации, се овозможува нивен континуиран професионален развој.
Во подобри услови за настава и работа, додаде, вложени се над 70 милиони евра, обезбеден е нов електронски дневник, нови дигитални алатки и помагала и подобрена е дигиталната инфраструктура.
Без разлика на инфраструктурата, технологијата или инвестициите, најважниот дел од секое училиште останува – наставникот. Од вас очекувам да останете енергични, посветени и да бидете двигатели на образованието. Да бидете партнери на Министерството, но и партнери на родителите и на учениците. Но, пред сè, да го зачувате и истакнете авторитетот на наставникот. Барајте заложба, труд и одговорност од децата и оценувајте реално, затоа што реалната оценка не е казна, таа е насока за напредок, рече Јаневска.
Признание за најдобар просветен работник во предучилишното образование доби Клементина Петрушевска, воспитувач во детската градинка „Весели Цветови“ во Кисела Вода.
Во одделенска настава во основното образование за најдобри наставници се прогласени Соња Трифуновска од ОУ „Гоце Делчев“ – Тетово, Виолета Поповска од ОУ „Вера Јоциќ“ – Гази Баба, Габриела Мерџаноска од ОУ „Гоце Делчев“ – Гостивар, Ксенија Николова од ОУ „Гоце Делчев“ – Босилово и Весна Тодоровска – Унковска од ОУ„Партенија Зографски“ – Кисела Вода.

Ова признание за мене претставува голема чест, но и дополнителна одговорност. Го доживувам и како признание за трудот, љубопитноста и успесите на моите ученици, како и за соработката со колегите. Неговото значење е уште поголемо кога ќе видам дека некогашниот ученик од мојата училница денес успешно студира, создава и гради своја кариера – тогаш знам дека часот не завршил со училишното ѕвонче. Ако сум успеала во учениците да ја запалам искрата на љубопитноста, истрајноста и вербата во себе, тогаш сум оставила трага, а тоа е најголемиот успех што може да го посака еден наставник, истакна Зороска по донесувањето на Одлуката од страна на Претседателството на Сојузот на просветните работници на РС Македонија.
Во средното образование за најдобар наставник е избран Никола Делевски од Регионалниот центар за стручно образование и обука „Никола Карев“ – Струмица, а постхумно признание беше доделено на Слаѓан Станковиќ – Битрак, кој беше дел од наставниот кадар во СОУ „Наце Буѓониʺ – Куманово и „Математичко – информатичка гимназијаʺ во Скопје.
OhridNews












