Врачени сертификатите на новите капетани на бродови и на бродскиот екипаж за управување со пловни објекти, а кои се издаваат преку Капетанијата на пристаништата во Охрид и Министерството за транспорт. На првиот испит, сертификати добија еден заповедник на брод за управување со меѓународен пловен пат, што е највисоко звање, осум заповедници на брод за управување со државен пловен пат, еден водач на палуба, шест морнари и за прв пат во Македонија има женски заповедник на брод.

Сертификатите им ги врачи министерот за транспорт Александар Николовски кој посочи дека после 20 години направени се законски измени и за прв пат е овозможено полагање на стручни испити за капетан на брод и бродски екипаж во државава, што е чекор понапред во професионализација на внатрешната пловидба и подигнување на нивото на безбедност во пловниот сообраќај.

Уште кога бев избран за министер за транспорт, се соочив со овој проблем и заеднички со Капетанијата на пристаништата и со стручните служби во секторот за транспорт во рамките на министерството, разговаравме и најдовме начини. Требаше да се направат одредени законски и подзаконски измени со цел да се овозможи да се направат овие полагања. До сега тие се вршеле во странство, тоа значело дополнително оптеретување на оние кои што се занимаваат со оваа работа и секако значело помала безбедност во пловниот сообраќај. Особено ми е драго што за прв пат во Македонија имаме женски заповедник на брод, значи дека ова е работа кој што може секој да ја извршува. Ова е нешто што сакаме да го стимулираме и во периодот кој што е пред нас со цел да може да се регулира пловниот сообраќај во државата и да имаме едно повисоко ниво на безбедност, рече Николоски.

Потеницраше дека за потребите на Капетанијата се набави нов пловен објект, се изврши расчитување на пристаништето во Св. Наум и градското пристаниште во Охрид, а најави и нови проекти за истите, како и заеднички проект со општина Охрид за уредување на кејот.

Заедно со општина Охрид работиме на еден проект кој што десет години никој не сакаше да го работи. Имено се работи за ново уредување на градскиот кеј со двете пристаништа, пристаништето пред хотел Палас и градското пристаниште. Последен пат интервенции на градскиот кеј се правени во 90-те години, што значи дека преку 30 години ништо не е направено. Општината во моментов работи проектирање. Од наша страна ние работиме во делот на пристаништата и очекувам заеднички да подготвиме еден проект кој што ќе значи целосно партнерно уредување на кејот од една страна, од друга страна ставање во функција на пристаништето пред хотел Палас во дел на полесни помали пловни објекти, додека старото градско пристаниште треба да добие комплетно нов лик со цел тука да се укотвуваат поголеми пловила. За тоа разговаравме во Париз, кога бевме во посета на УНЕСКО, четири министри и двајца градоначалници. Можам со задоволство да кажам дека има расположение кај нив заеднички да работиме и сите стандарди на УНЕСКО да бидат постигнати со цел од една страна да се задржи статусот и да се унапреди, а од друга страна да имаме модерен кеј и да имаме функционални пристаништа, додаде Николоски.

Илија Аранудоски, капетан на Капетанија на пристаништата најави зголемен обем на инспекциски надзор во следниот период посочувајќи дека е набавен нов глисер за инспекциската служба во Капетанијата во вредност од 6 милиони денари.

Оваа туристичка сезона ќе имаме зголемен обем на инспекциски надзор. Апелирам до граѓаните навремено да ги регистрираат пловните објекти и да се придржуваат кон мерките и прописите од внатрешната пловидба за да имаме мирна пловидба, потенцираше Арнаудоски.

Инаку, во бродскиот регистар на Капетанија регистрирани се над 3400 пловни објекти на ниво на цела држава. Се очекува во охридската пловидба да бидат вклучени уште три брода од кои два се во градба.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска