Инцидентот се случил во пекара во Ресен кога полицијата вршела контрола на вработени и дозволи за работа и престој. Во 01:30 утрото жалителот бил однесен во полициската станица во Ресен во канцеларијата на командирот каде тврди, а и судиите во Стразбур во пресудата напишале дека бил тепан до 4 часот изутрината. Од документацијата судиите заклучиле дека полицаецот му скршил нос за што болницата во Охрид му издала потврда. Но одговорност за насилството се уште нема бидејќи полицаецот напредува на други раководни функции.
-Тој во текот на постапката дури и напредуваше во својата кариера, а сега е актуелен висок функционер во друга општествена област, значи е градоначалник на еден град.-изјави адвокатот Игор Кичеец кој го застапува повредениот и во Македонија и во Стразбур.
Повредениот поднел приговор до внатрешна контрола и тужба до обвинителството за злоставување од полицијата. Раскажал дека полицаецот насила се обидел да му стави весник во устата и му рекол дека во црна пластична кеса ќе го депортира во Косово. Во документацијата од внатрешна контрола која пристигнала и во Стразбур пишува дека полицајците барале храна и пијалоци за да ги заштити нелегалните работници по што настанала кавга, тепање и националистички навреди. Но државата не презела ништо против полицискиот службеник, појаснува охридскиот адвокат Игор Кичеец.
-И покрај непобитната околност дека носот на тужителот беше повреден, имаше видлива повреда констатирана од лекар непосредно по настанот, и други релевантни докази нашите судови не сакаа да ги видат бидејќи се работеше за виосок полициски функционер кој беше обвинет за таа случка.-додава Кичеец.
адвокат Игор Кичеец
Судот во Стразбур во пресдуата навел дека со постапката на полицаецот односно полициската бруталност е повредена темелната човекова вредност заштитена со конвенцијата за човекови права. Судот упатува на неефикасност на нашите органи и институции да се справат со овој и ваков тип на повреди на човекови права и утврдува дека во конкретниот случај недостасува ефективна истрага односно воља на институциите на системот да го расчистат случајот. Во пресудата судот ги наведува пропустите на сите институции почнувајки од МВР, која и покрај наодот на внатрешна контрола не побарала одговорност од полицаецот. Во Македонија веќе четири пати апелациониот суд ги укинува ослободителните пресуди за полицаецот.
Ова е една од 500-тотините тужби кои во просек годишно стигнуваат во судот во Стразбур. Од нив според прецизната статистика на министерството за правда два и пол проценти завршуваат со пресуда. Лани биле донесени 12 пресуди и државата треба да излпати 90 000 евра оштета.
OhridNews
Извор: Тв Телма