За прв пат оваа година во Охрид ќе биде организирана Лазарева поворка во Охрид. Поворката ќе се реализира на 04 април, сабота, со почеток во 11 часот. Собирно место ќе биде плоштадот „Св. Климент Охридски“, Охрид

Поворката ќе се движи до храмот „Успение на Пресвета Богородица” – Каменско. Пред почетокот на Поворката, на плоштадот ќе се делат врбови гранчиња на сите учесници.

Во нашата културно-народна традиција, овој ден се одбележува со Лазареви поворки. Обичајот бил широко распространет, а во него особено биле вклучени училишните установи. Така, во пресрет на празникот, децата, заедно со своите родители, повозрасни роднини и другарчиња, собирале врбови гранчиња и пролетни цвеќиња и потоа во радосни поворки, пеејќи песни за воскресението на Лазар, се упатувале кон храмовите каде што ги принесувале насобраните букети, велат од Лазареви поворки – Охрид, Здружение за негување на православните традиции.

Следниот ден, посочуваат, на празникот Цветници – влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим, овие врбови гранчиња се раздавале на верниците, а со цвеќињата се украсувале храмовите и домовите.

До Цветници децата минувале и низ маалата и насекаде ја носеле празничната радост, додека од Велики Понеделник започнувала Страдалната седмица, кога се практикувала тишина и позасилена молитва во спомен на значајните настани кои се случиле во тие денови. Лазаревите Поворки претставуваат значаен дел од нашето богато духовно и културно наследство, посочуваат од Здружението, упатувајќи покана за учество во оваа радосна поворка, носејќи врбови гранчиња и добро расположение, продолжувајќи ја убавата традиција на нашите предци и подготвувајќи се за претстојните големи празнични денови.

Инаку, една недела пред Велигден е празникот Цветници, а саботата пред Цветници се вика Лазарева сабота или Лазарица. Православните верници на овој ден си споменуваат за чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос. Овој настан бил на шест дена пред предавството и распнувањето на Христос на Голгота.

Со Лазарева сабота се поврзани повеќе обичаи и песни познати како лазарски. Од раните утрински часови групи девојчиња облечени во традиционална невестинска облека одат низ населените места и пеат лазарски песни, кои се со оптимистична и духовна содржина и посакуваат здравје, успех и напредок.

OhridNews