Започна реализацијата на проектот за изградба на канализационен систем за отпадни води во струшкото село Враништа. Проектот опфаќа изградба на комплетна примарна и секундарна канализациона мрежа, поставување ревизиони шахти и приклучоци за домаќинствата, како и обезбедување контролиран одвод на отпадните води.

Поставуваме камен-темелник на проект за кој се чекало со години. Проектот е петти што се реализира во Струга, а во текот на овој месец ќе се реализираат уште три, така што вкупната вредност на сите осум проекти е околу девет милиони евра. Ќе продолжиме да работиме за Општина Струга со реализација и на други проекти. Овој проект е многу важен. Заедно со Владата ќе работиме за подобар живот за граѓаните во Струга, рече Ќура.

Ценам дека со нашата работа, посветена, фокусирана се разбира во рамките на нашите можности и ресурси тоа што можеме да го направиме го правиме исклучиво и за интересот на граѓаните. Убеден сум дека со политиките на Владата, Струга е препознаена и Струга ќе биде еден од нашите главни приоритети во годините коишто доаѓаат, посочи Мицкоски.

Заштитата на животната средина значи и инвестиции во инфраструктура во помалите места, кои со години биле запоставени и без основни услови за живот. Само со рамномерен развој и опфат на сите можеме да направиме вистински зелен пресврт, рече министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа.
Проектот е во вредност од 91.427.969 милиони денари, целосно финансирана од МЖСПП преку Вториот повик од Унгарскиот кредит, со рок на реализација од 12 месеци.
Инаку, во Струга продолжуваат активностите за уредување и модернизација на туристичката улица, а се работи и на локалниот пат кон населбата Езерски Лозја.
Н.С.Ј.












