Започна со работа Центарот за менаџирање на дебелината при Општата болница Охрид. Отворањето на центарот е уште еден важен чекор во превентивата и грижата за здравјето на граѓаните, а дебелината е еден комплексен проблем кој бара менаџирање на многу состојби, беше посочено на официјалното отпочнување со работа на Центарот од страна на медицинскиот тим, директорот на болницата Д-р Горан Маркоски и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

Дебелината е голем глобален здравен проблем во денешницата, меѓутоа, не е само тежината проблем. Toа е еден комплексен проблем, којшто опфаќа менаџирање на многу состојби, а не само на тежината, вели Д-р Даниела Мисоска Пендова од Интерното одделение при Општата болница во Охрид.

Зголемената телесна тежина сама по себе повлекува и ризици од многу други состојби, пред се од кардиоваскуларниот, локомоторниот систем, оптеретување на зглобови, па и секако тука е опфатен и психолошкиот аспект. Ова бара едно комплексно менаџирање. Ние сме сега на самиот почеток, имаме моментално апарат којшто ни овозможува определување на композицијата на составот на мастите, мускулната маса, водата, значи еден увид во составот на телото, којшто е една почетна точка и од којашто понатаму можеме да го следиме пациентот и секако со другите параметри, коишто вклучуваат преглед, притисок и сите други работи понатаму да го насочуваме, посочува Д-р Мисоска Пендова.

Тимот којшто ќе работи во Центарот го сочинуваат тројца доктори, покрај Д-р Мисоска Пендова, Д-р Лилјана Ангелеска, раководител на Интерното одделение при Општа болница Охрид и доктор Сашо Василевски, а ќе бидат вклучени и другите интернисти од болницата. Воедно, се очекува за брзо кон тимот да се приклучи и докторка ендокринолог.

Д-р Мисоска Пендова, посочува дека Центарот за дијабет во кој работат е тесно поврзан со Центарот за менаџирање на дебелината бидејќи голем дел од пациентите коишто имаат зголемена телесна тежина имаат ризик за развивање на дијабет првенствено.

Веќе има интерес од нашите сограѓани, прашуваат и за терапија. Имаме и терапија за намалување на телесна тежина која се дава кај пациентите. Така да се надеваме дека ќе ги заштитиме пациентите да не страдаат од други заболувања, зошто дебелината знаеме какви проблеми може да донесе, посочи Д-р Лилјана Ангелеска, раководител на Интерното одделение при Општа болница Охрид.

Пациентите кои имаат потреба да го посетат Центарот за менаџирање на дебелината ќе можат да закажат термини, а во иднина се очекува во истиот да бидат вклучени и психолози.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска