Од денес започнаа активностите за изградба на катната гаража во Охрид во централното градско подрачје на местото од досегашниот отворен паркинг на Градски пазар. Според проектот, како што информираат од Општина Охрид катната гаража предвидува приземје, 5 ката и тераса, а објектот ќе има капацитет од над 200 паркинг места. Вредност на проектот, посочуваат, изнесува 90.307.996,00 денари без ДДВ или 106.563.435,28 денари со вклучен ДДВ, односно околу 1,73 милиони евра.
Започнуваат од денес активностите за изградба на катната гаража во Охрид на паркинг просторот кај Градскиот пазар. На терен е фирмата изведувач „Топлина“ и се подготвува теренот. Следствено на ова паркингот е затворен и е вон функција, информира директорот на ЈП Градски Пазар, Александар Попоски.
Со проектот за изградба на катната гаража Општина Охрид аплицираше на вториот Јавен повик за финанасирање на инфраструктурни проекти, објавен од страна на Министерството за локална самоуправа.
Топ приоритет на граѓаните беше изградбата на катната гаража во сите овие изминати десетина години. Големо олеснување со оглед на тоа што се работи за паркирање во самиот центар на градот, односно на десет метри од Старата чаршија. Имавме успешен тендер, така да започнува официјално изградбата на катната гаража во Охрид. Со истата ќе стопанисува јавното претпријатие „Градски Пазар“ затоа што се наоѓа во моментов на паркинг кој што го стопанисува ова претпријатие, изјави неодамна градоначалникот Кирил Пецаков.
Очекувањата се дека со изградбата на катна гаража ќе се решат долгогодишните проблеми во сообраќајниот метеж, ќе се подобри квалитетот на живот на охриѓани, а ќе има придонес и во туристичката понуда на градот.
Н.С.Ј.













