Општина Струга започна со изработка на сеопфатна техничка документација за изградба на пречистителна станица за отпадни води во село Лабуништа, проект кој, велат, претставува долгорочно и одржливо решение за заштита на животната средина.

Проектот е конципиран со можност за понатамошно проширување и опфаќање на дополнителни населени места. Изработката на документацијата се реализира во рамки на проект на УНДП, финансиран од Владата на Шведска, со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање, информираат од Општина Струга.

Посочуваат дека проектот предвидува современ и ефикасен третман на отпадните води, поврзување на постојната канализациска мрежа и изградба на неопходна придружна инфраструктура, а во процесот активно се вклучени општинските служби, експерти од УНДП, проектантскиот тим, како и претставници од локалната заедница од с. Лабуништа.

Овој проект е важен чекор кон подобрување на животната средина и квалитетот на живот на граѓаните. Ќе придонесеме за заштита на водните ресурси и ќе создадеме предуслови за одржлив развој, вели градоначалникот Менди Ќура.

Додава дека Општина Струга продолжува со конкретни активности за модернизација на инфраструктурата и заштита на животната средина.

OhridNews