Со тековната постапка која се води од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање за законот за прогласување на Белчишкото Блато за Парк на природа се донесува одлука која директно влијае врз ловниот терен Ловиште бр.7- Белчишта, реагираат од Здружението на ловци Охрид. Посочуваат дека со истата се менуваат границите и неговиот статус од ловно продуктивна во неловно продуктивна површина.
Со тоа се засега во правата и обврските кои произлегуваат од веќе постоечки договор за стопанисување склучен со Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство од 2023 година. Ловниот терен бр.7- Белчишта, наменет за ситен дивеч е доделен на користење на нашето здружение преку електронска аукција од страна на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, на период од 20 години. За истиот редовно се плаќа концесија во износ од 230.000 денари годишно, а однапред се уплатени средства и за 2026 и 2027 година во вкупен износ од 460.000 денари, посочуваат од Здружението.
Дополнително, истакнуваат дека на територијата на ловиштето имаат организирано ловочуварска служба која активно се грижи за заштита, одржување и управување со ловиштето, при што за плати и придонеси се издвојуваат повеќе од 1.200.000 денари годишно. Сето ова, додваат, претставува значителна организациска и финансиска инвестиција од страна на здружението и неговите членови.
Особено загрижува фактот што во целиот процес нашето здружение не беше информирано ниту директно вклучено како засегната страна, иако станува збор за терен кој е под наше стопанисување со години. Дополнително, сметаме дека недостасува соодветна координација помеѓу надлежните институции, имајќи предвид дека одлуките кои се носат од страна на различни министерства директно влијаат едни врз други. Нагласуваме дека Здружението на ловци Охрид не е против иницијативи за заштита и унапредување на природата и природните ресурси. Напротив, ние целосно ја поддржуваме заштитата и одржливото користење на природата. Сепак, не можеме да се согласиме со начин на спроведување на процесот во кој сме изоставени, без претходна консултација и без јасно дефинирано решение за веќе постоечките права и обврски, потенцираат.
Поради се оваа бараат итно преземање на активности и организирање на работна средба со Министерството за животна средина и просторно планирање, со цел да се разгледа состојбата и да се изнајде соодветно решение кое нема да предизвика штета ниту за нашето здружение, ниту за останатите засегнати страни, ниту за процесот на заштита на природата. Информираат и дека биле присутни на одржаната јавна расправа пред два дена на која биле изнесени нивните ставови и загриженоста.
Во спротивно, доколку нашите ставови не бидат земени предвид и не се воспостави дијалог со институциите, како Здружение со големо членство ќе бидеме приморани да преземеме понатамошни чекори, вклучително и организирање на јавни протести пред надлежните институции, како и покренување соодветни правни постапки пред надлежните судови, додаваат.

Настанот, како што посочија од Министертвото, овозможил отворена дискусија со сите засегнати страни, со цел прибирање на мислења, коментари и предлози кои ќе придонесат кон квалитетно финализирање на законското решение. Министерството за животна средина и просторно планирање упати повик до сите заинтересирани страни активно да се вклучат во процесот, при што коментари и сугестии по Нацрт-законот може да се достават во рок од 10 дена по одржување на јавната расправа.
Н.С.Ј.














