По мотото „Создадена да создава“, Општина Охрид организираше празнична програма во чест на Меѓународниот ден на жената 8-ми Март.

Самиот мотив на овој прекрасен настан „Создадена да создава“ ја носи во себе суштината на една жена. Таа отсекогаш била и останува извор на живот, на инспирација, на создавање, не само во семејството, туку и во општеството, во културата, во науката, во уметноста и во секое поле каде што човечноста остава трага. Осми Март е ден кога симболично им оддаваме почит на жените, но вистинската почит кон жената не смее да биде ограничена само на еден датум во календарот, рече Божиновски.

Жената е сила и нежност во исто време. Со својата посветеност, мудрост и трпение таа создава вредности што го обликуваат општеството и го прават похумано и побогато. Но денес, е многу важно да споменеме и за заштитата на жената и нејзиното достоинство. Нашата заедничка обврска е да градиме средина во која секоја жена ќе се чувствува безбедна, почитувана и ценета. Средина, во која жените ќе имаат простор да ја изградат својата среќа. Особено ми е чест што вечерва имаме можност да ја погледнеме иложбата „Жени во фокусот“, дело на младата фотографка Нина Ангелоска. Преку нејзиниот објектив се претставени 12 охриѓанки кои со својата работа, знаење и талент оставаат длабока трага во нашата заедница. Овие фотографии се повеќе од уметнички портрети, тие се приказни за посветеност, храброст и инспирација, посочи.
Потенцираше дека Охрид отсекогаш имал силни и успешни жени, додавајќи дека и во минатото, но и денес, градот бил и е дом на жени кои се вистински пример за достигнување и чест.
Верувам дека така ќе биде и во иднина, затоа што нашата средина отсекогаш знаела да препознае, поддржи и изгради жени кои создаваат историја. Да бидеме горди на нивните успеси, да ја поддржиме нивната визија и да продолжиме да градиме општество во кое жената ќе биде охрабрена да го даде најдоброто од себе. Верувам дека оваа манифестација ќе продолжи да се развива и да биде постојан потсетник за значењето на една жена! На крајот, дозволете ми во мое лично име и во името на градоначаникот Кирил Пецаков, да Ви го честитам Меѓународниот ден на жената – Осми Mарт. Нека секој ден ви донесе почит, љубов и мотив да создавате и да го менувате светот на подобро, истакна Божиновски во своето обраќање.
Како дел од празничната програма беше одржан и концерт на естрадните уметници Ѓорѓи Ѓорчев и Кате Танева.
Исто така, во чест на празникот на жената беше организирана и изложбата на фотографии „Жени зад објективот“ од Фото куб Охрид и изложба на дела од жени сликарки во органзиација на Женски центар „Бисера“.
OhridNews

















