ОГЛАСИ

Интервју со Дарко Каевски: Водените спортови ќе ми бидат во фокусот во Охрид !

Спорт | Охрид | 15.08.2017 08:15Посети : 1787

Сите водени спортови во Охрид, кои се на работ од маргините ќе добијат посебен третман од новиот предводник на Агенцијата за спорт и млади, Дарко Каевски. Тој во ексклузивно интервју за Ohrid News открив какви планови има за Охрид и за затворениот базен во Струга, кој преставува една голема руина.



Дарко Каевски со преставниците од Здружението на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби "Дајте ни крилја" од Скопје.


OhridNews: Неодамна ја презедовте улогата на директор на Агенцијата за спорт и млади, која има задача да ги мотивира младите да спортуваат и да ги помогне. Како сте подготвени за предизвикот кој ве очекува ? 


Дарко Каевски: Подготвен сум и знам дека можам, заедно со тимот на луѓе околу мене да ги менуваме работите. Не чека многу работа, но од обврските и одговорноста нема да бегаме – напротив. Мојата цел е да ја вратиме вербата на младите во оваа институција. Изминатиот период младите беа заборавени и во оваа институција често наоѓаа на затворени врати, неодговорени прашања, полициско обезбедување. 


Дека работите се менуваат говори фактот што овие деновив буквално имам по десетици средби со млади, младински организации и здруженија кои сакаат да помогнат, да бидат слушнати. Постои енергија и план за работа. Следете не, Ве убедувам дека нема да Ве разочараме!


OhridNews: Агенцијата за спорт и млади е партнер на спортот во Македонија. На кои спортови ќе обратите најмногу внимание, или во зависност од потребите ќе помагате?


Дарко Каевски: На Македонија и е потребна вистинска Стратегија за спортот донесена заедно со сите спортски федерации. Не сакам да ги делам спортовите на важни и помалку важни, но точно е дека мора да се постават приоритети. Нашиот фокус ќе биде ставен на младинските категории во различните спортови, од 12 до 16 години и понатаму. Овие млади спортист(к)и, се иднината на нашиот спорт. Затоа сме должни да обезбедиме подобри услови за тренирање, квалитетни домашни лиги, поддршка за учество на меѓународни натпревари и јакнење на капацитетите на тренерите и стручните кадри. Значајно е да има следење на спортскиот талент на младите уште од основно и средно образование. Улилишните, средношколските лиги се отскочна даска за понатамошни успеси – на овој начин се селектирани голем број на олимписки шампиони.


Ракометот е нашиот најуспешен спорт со една добра и организирана Ракометна федерација. Потврда за ова е и 6-то место на нашите ракометари до 21 година на Светското првенство во Алжир. Во ракометот имаме светла иднина. Кошарката е исто така раководена од стручни кадри, се работи добро и се надевам на добри резултати.


Кај најпопуларниот спорт, фудбалот постои простор за напредок. И матичната федерација ми потврди дека става акцент на младинските категории и трансферот на знаења кај тренерите. Сепак, значаен акцент ќе ставиме на подобрување на резултатите во поединечните спортови во коишто имаме освоено олимписки медали и има простор за поголем напредок и успех.



OhridNews: Охрид како град во екипните спортови е застапен повеќе од добро, но грутката во нашите грла е нефункционирањето на клубивите и воопшто спортовите на вода, а за што Охрид има огромен потенцијал. Ќе ги помогнете водените спортови во Охрид ?


Дарко Каевски: Се согласувам дека водените спортови се целосно запоставени. На мое жалење имаме Пливачка федерација која е со неактивен статус повеќе години. Ова не смее да биде наша реалност. Добив информација и за пропаѓањето на веслачкиот клуб Југ, кој е со осум децениска традиција и претставуваше симбол на Охрид.


Оваа година присуствував на традиционалниот Илинденски пливачки маратон. Правиме напори да го вратиме духот на пливањето, на пливачките маратони, но за ова е потребна соработка со сите засегнати страни, активирање на Пливачката федерација, разговор со пливачките клубови, тренерите и успешните наши пливачи.


Задоволство ми е што на 12-ти август во Охрид се одржа Првиот пливачки маратон на 10 километри, при што главната цел е овој маратон да стане дел од квалификационите маратони за Летните олимписки игри (Токио 2020). За организацијата на овој спортски настан огромен придонес има нашиот успешен и заслужен пливач, Александар Маленко.
Ќе ги помогнеме водените спортови во Охрид, но не сакаме тоа да биде привремено или сезонски, туку да изградиме модел за вистинско заживување на водените спортови, заедно со Кајакарската, Веслачката, Пливачката федерација.


Тоа е можно и со искористување на капацитетите на природните езера, но и изградба/обнова на затворени базени кадешто ќе се тренира во нормални, достоинствени услови и во текот на зимскиот период.



OhridNews: Никој точно не знае до каде е и како тече изградбата на Затворениот базен, кој е голема желба на секој охриѓанец. Има ли некој податок во Агенцијата за спорт и млади за базенот?


- Моментално на објектот се завршени поголем дел од армирано бетонски конструктивни елементи и се работи на отпочнување на изведба на армирано бетонската плоча од коритото на големиот базен. Објектот е воведен во градба на 14.10.2015 година, а време на изведба на базенот е 30 месеци од денот на воведување во работа на изведувачот. Ја следиме динамиката на работа и инсистираме да биде изграден по највисоките стандарди и технолошки достигнувања. Охрид е пливачки центар и должни сме да обезбедиме еден затворен базен кој би бил функционален во текот на целата година. Желбата на секој охриѓанец, но и на секој граѓанин на Република Македонија бидете убедени дека ќе се оствари, Охрид ќе добие модерен затворен базен. 


OhridNews: Што ќе биде со затворениот базен во Струга кој денес е една голема руина?


Дарко Каевски: Известен сум дека станува збор за стар објект кој е во руинирана состојба, со полу срушени ѕидови и оштетена конструкција. Сопственик на затворениот пливачки базен е Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на Република Македонија. Агенцијата за млади и спорт е со препорака да се изгради нов базен за пливање во Општина Струга, на нова локација. Ќе бидат разгледани сите можности, во кој период да биде изведена оваа крупна инвестиција, но факт е дека е потребен целосно нов базен.



OhridNews: Се крои ребалансот на буџетот. Дали и како ќе се рефлектира тоа на работата на АСМ, ќе се менуваат зацртаните приоритеи во 2017 година?


- Главната цел на Ребалансот на Буџетот е да се скратат непродуктивните средства предвидени за трошење од претходната власт. Со Ребалансот нормално е опфатена и Агенцијата за млади и спорт. Но, и пред Ребалансот, буџетот на АМС до јуни месец е потрошен 95%. Не сакам да давам изговори или оправдувања. До крајот на 2017 ќе санираме дел од проблемите, како што е на пример учеството на Македонија во Регионалната канцеларија за млади од Западен Балкан (RYCO). Ќе имаме легитимен македонски претставник и младите луѓе ќе имаат шанса да аплицираат за RYCO проектите.

Оваа година ќе се обидеме да ги реализираме работите кои се корисни и потребни за младите и спортот, во согласност со буџетските средства и можности. Но, како Агенција за млади и спорт ќе бидеме дел од институциите кои ќе ја спроведуваат Младинската гаранција, која започнува од Први септември. Ова е мерка која овозможува субвенционирани работни места за младите, обуки, програми за самовработување и пилот програми за млади според локални потреби. Целта е намалување на младинската невработеност и излез на младите на пазарот на трудот, зајакнување на нивните капацитети и вештини. Започнуваме да работиме на имплементационен план за оваа мерка, со цел да се знаат должностите на секоја од институциите, приватниот сектор, образовните установи.


OhridNews

© 2017 Ohridnews.com. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Ohridnews.com

Спорт

ВАШЕТО ВНИМАНИЕ

АНКЕТА

Дали во екот на сезоната во Охрид треба да се одржуваат настани на отворено кои траат до доцна во ноќта?

Да

Не

Треба да постојат исклучоци, според строги правила

Гласај

Да - 931 гласови (36%)

Не - 668 гласови (26%)

Треба да постојат исклучоци, според строги правила - 961 гласови (38%)

Резултати Гласај

ПОВАЖНИ ТЕЛЕФОНИ

Полиција : 192 Брза помош : 194 Пожарна : 193 Центар за справување со кризи - Охрид : 195 АМСМ : 196 Автобуска станица : 260-339 Аеродром : 252-820 Црвен крст : 261-909 Водовод : 250-122 Комуналец : 263-325 НУ Центар за култура : 261-063 Завод и Музеј : 262-498 Основен суд : 261-868 ЕВН Информации : 0890 12345 ЕВН Дефекти : 0890 88888 Општа болница : 267-267 ФТУ - Охрид : 262-147 Охридско лето : 261-304 Организација на потрошувачи на Охрид : 252-833