Околу 70 странски македонисти и слависти од НР Кина, САД, Република Кореја, Италија, Франција, Грција, Турција, Полска, Словачка, Унгарија, Украина, Романија, Руската Федерација, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Чешката Република се дел од 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ која започна денес во Охрид.


Ова всушност е конкретна потврда дека мисијата за посветеноста на странската македонистика е централна точка на заложбите за афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура на нашиот Универзитет, но и потврда од колкава важност за нас е влогот во работата и посветеноста на странските македонисти. Неспорен факт е дека во изминативе децении и години додека да дојдеме до ова 56-то издание на Летната школа и нашите претходници и ние, сме се соочувале со предизвици, со негирања, напади кои се упатени кон македонистиката. Ама клучно и во таквите моменти ставовите и заклучоците на странската македонистика на балканистиката, на славистиката, ја кажуваат и потврдуваат македонската вистина благодарение на влогот што го остварувале и го остваруваат странските македонисти и слависти. УКИМ секогаш ќе продолжи да дава поддршка на странските македонисти, рече Јанкуловски.

Директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска истакна дека веќе 56 години се гради куќа на странската македонистика, куќа со силни издржливи темели поставени од наши претходници.
Во оваа куќа веќе се над 4000 посветеници на македонскиот збор и мисла од над 60 земји и има место за уште многу пати по толку. Се потврдува дека ја разбравме пораката што Крсте Мисирков ни ја остави откако неговата книга „За македонцките работи“ веќе била обајвена, а неговите идеали сеуште не остварени. За среќа има македонска национална култура и историја, зашто тој факт го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слобода, национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи пишува Мисирков. Потребата тој факт да се афирмира пред светот особено пред академската заедница, афирмирајќи ја и посебноста на македонскиот јазик и македонската литература била причина да се почне со организација на оваа Летна школа и со изградба на тоа што денес е куќа на таа странска македонистика. Неспорно тој факт веќе одамна е афирмиран низ светот и еве Мисирковите идеали се остварени. Причините за неприкинатото одржување на оваа школа со текот на годините станаа побројни, а клучната е што постојано има странски македонисти од сите континенти кои со голема посветеност и со конкретни остварувања тој факт го афирмираат низ светот. Затоа и денес повторно сме овде подготвени за нови предизвици, додаде Мојсова-Чепишевска.
Во рамките на отворањето на Школата, традиционално беше промовиран и зборникот од предавања од претходната летна школа на МСМЈЛК при УКИМ од страна на проф. д-р Гордана Алексова, долгогодишен лектор на школите на Семинарот.

Н.С.Ј.
фото. А. Момироска












