Извештајот за состојбата во областа на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата за периодот за првите шест месеци од годината предизвика бурна расправа кај советниците на денешната одржна 61-ва седница на Совет.
Од опозицијата посочија дека е потребна поголема видливост на полициските службеници на терен со оглед дека со едукација очигледно е дека сообраќајната култура не се менува, но реагираа и на несреќите, гужвите во сообраќајот и инфраструктурата. Од Секторот за внатрешни работи посочија дека се прават максимални напори со оглед на ограничените материјални ресурси и кадар да се одржува стабилна безбедносната состојба.
Ако го разгледавте извештајот ќе констатираме дека предлагачот наведува дека безбедносната ситуација е стабилна, но доколку подетално се разгледа се забележува дека зголемени се кривичните дела над 70 споредбено со истиот период минатата година, што само по себе говори дека зголемен е криминалот. Ако зборуваме за вистински безбеден град, значи достапност на јавните површини и заедничките добра, но дали е тоа така во нашиот град ќе ве потсетам на викендот во јули кога повеќе од еден час сите останавме заглавени во возилата поради делегација. Прашувам дали мора така да се регулира сообраќајот, имајќи во предвид дека се нарушува нормалниот тек на функционирање на граѓаните? Буквално поголемите улици во поширокото градско подрачје беа долго време блокирани, а учесниците во сообраќајот буквално невозможно да се поместат од местото каде беа затекнати, рече координаторката на пратеничката група на СДСМ, Живка Ангелоска.
Додаде дека друг елемент за вистински безбеден град е и соодветна инфраструктура за граѓаните во општината.
Кога зборувам за инфраструктурата мислам на улиците, проодноста, а знаеме дека имаме узурпирани улици со градежни машини, узурпирани тротоари, велосипедски патеки и се прашувам дали и полицијата може во критичен момент со ваква инфраструктура да стигне навреме каде е потребно? Надвор од статистичките податоци во извештајот, верувам дека најголемиот дел од нас летово се нашле во ситуација за влакно да избегнат несреќа. За жал, ова лето видовме дека не сме безбедни ни на тротоарите. Многу е тешко во одредени интервали во денот пешаците да поминат на пешачките премин. Колку е тешко и со такси превозот, диви такси превозници, пазарење со таксистите, проблем кој го имаме години наназад што не му доликува на Охрид како туристички град. Знам дека сето тоа зависи во најголем дел од сообраќајната култура која ја имаме или немаме, но очигледно дека едукацијата многу не носи резулати и сметам дека видливоста на полицијата е доста потребна на места кои се најкритични, потенцираше Ангелоска.
Имајќи ги во предвид манифестациите кои се збиени најмногу во месец август, но и во летниот период, праша дали полицијата има капацитет и се покриени сите настани според нормативите или вели не прати среќа да не ни се случи инцидент од повисоки размери.
Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески ја поздрави дебатата која беше отворена од опозицијата во однос на извештајот кој посочи досега на Седници наназад извешатите биле само негативно гласани.
Ова го поддржувам, меѓутоа ова требаше и претходно да биде додека имаше и претходен командир на полицијата, но тогаш молчевте, додека ние зборувавме. Тогаш за вас беше се во ред, јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот беше на највисоко ниво. Сега преку ноќ имаме нарушена јавна безбедност и безбедност во сообраќајот. Предлагам како претставник од локалната самоуправа во идниот период да договориме да има чести состаноци каде ќе има претставници од сите политички партии, од јавните претпријатија, заедно со комнадирот на Полициската станица каде ќе не информира, ќе даваме забелешки и предлози, рече Китески.
Командир на Полициската станица од општа надлежност Охрид, Богоја Прензоски посочи дека во однос на извештајот нивен приоритет е општата надлежност, покрај јавниот ред и мир и останатите прекрошоци и кривични дела, додека во однос на сообраќајот има друг командир на ПС за безбедност на патниот сообраќај и во однос на кривичните дела има криминалистичка полиција.
За разлика од претходната година во однос на прекршоците каде сум дирекно надлежен се намалени за големе процент. Во текот на 2024 година имало 140 прекршоци, а во текот на 2025 има 80 прекршоци. Имаме зголемување во однос на јавниот ред и мир само на еден вид прекршок кај што има уживање на наркотични дроги, 24 во текот на оваа година, а лани имало 19. Во однос на гужвите за отворањето на „Охридско лето“ оваа година имаше најмалку чекање, бидејќи каде што имаме државна делегација од прв степен постапуваме според правилници кои се стари 30 години. Мораме така да постапиме, немаме друга можност, рече Прензоски.
Посочи дека претежно се покрива централното градско подрачје и покрај фактот што се соочуваат со премногу мал број на полициски службеници.
Факт е дека станува збор и за релативно млади службеници. Треба да поразговараме и во однос на материјално-техничките средства и на полициските службеници, бидејќи ретко кој се пријавува на огласите. Сега треба да се донесе Законот за внатрешни работи и поради тоа ни е отежнат начинот на функционирање. Штом се донесе истиот ќе имаме поголеми можности и повеќе ресурси. Еден подолг период од две-три години сме блокирани не можеме да функционираме, дури и самоиницијативно се организираме. Го даваме максимумот повеќе од што можеме, и покрај фактот што полициската станица нема ни 40%, 35% е пополнетост од кои функционираме околку 25% со релативно млади полициски службеници и ова што е е повеќе од добро, додаде Прензоски.
На седницата беа усвоени извештаите за работата на јавните претпријатија, за реализацијата на програмите во различни области, годишните програми за образованите институции…, а беа повлечени програмите за изведување на училишните екскурзии и други слободни активности бидејќи, како што беше посочено донесен е нов правилник каде мислење не дава Советот на општината, туку само Советот на родители.
Н.С.Ј.