Кога се зборува за мајчиниот македонски јазик и воопшто за секој јазик, никогаш не е доволно да се направи многу повеќе, вели директорот на НУ Библиотека „Григор Прличев“, м-р Милчо Јованоски, по повод одбележување на Денот на македонскиот јазик и азбука.

Со пригодна програма охридската Библиотека го одбележа овој голем ден, кој Јованоски вели дека е потсетник повеќе да внимаваме на тоа како се однесуваме кон нашиот мајчин македонски јазик.

Напливот на многу странски зборови, употребата на социјалните мрежи, не тера да пишуваме на некој друг јазик повеќе, оттколку на сопствениот. Овогодинешното мото е „Пишувајте кирилица“. Кирилицата не смееме да ја заборавиме, таа е нашата основа како и азбуката. Не смееме да ги заборавиме Конески, ниту другите кодификатори на македонскиот јазик кои следувале по него, зошто тоа се плејада на професори кои создадоа други генерации на македонисти кои ја шират културата и литературата и нашата азбука и писменост веќе и на други континенти. Ние како НУ се вклучуваме во овој голем настан сите овие години и се надевам така и ќе продолжиме, вели Јованоски.

Денес, додава Јованоски, сакаме да потсетиме какво е значењето на тоа што го направиле некогаш Кирил и Методиј, Свети Климент, Григор Прличев, Блаже Конески и Ацо Шопов.

Тоа се се великани кои не смеем да ги заборавиме на нашиот пат кон иднината, зошто тие ги поставиле основите од старословенскиот јазик, па се доаѓајќи до овие дни, до нашиот современ стандарден македонски јазик кој не смеем да го заборавиме и мораме секојдневно да го негуваме и градиме. Позитивно е што се носи нов Закон за македонски јазик, што ќе имаме и годишна награда Блаже Конески, а најпозитивно е што се надевам дека ќе се отвори простор во секоја поголема и позначајна институција во нашата држава да има работно место лектор, потенцира Јованоски.

Во рамки на денешната свеченост пред присутните Јованоски говореше на тема „Македонскиот јазик темелот на македонската државност „Од Климента, преку Прличев до Конески и Шопов“.

Свое обраќање преку видео-врска имаше и проф. д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик.

Овој ден треба да го одбележиме, да стане познат во јавноста, да ги поттикне луѓето да се занимаваат со својот мајчин јазик и со својата култура во сите сфери на општењето и да бидат горди дека токму тој јазик ја одбележува македонската нација. На крај би сакал да истакнам дека додека постојат Македонци во оваа држава и надвор од неа, македонскиот јазик и македонската нација ќе живеат, рече Спасов.

Во рамки на свеченостите беше презентирана поставката на книги од фондот на библиотеката со дела од Блаже Конески и Ацо Шопов (100 години од неговото раѓање).

Свечената програма беше збогатена и со проекција на документарните филмови „Проста и строга македонска песна“ посветен на Конески и филмот „Тешкото“, како и со презентации и рецитали на деца и ученици од Охрид.

Инаку, на 5 мај 1945 година со Решение на Народната влада на Федерална Македонија беше усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеца Министерството за просвета го озаконува првиот правопис на македонскиот јазик.

Н.С.Ј.