Здружението на глуви и наглуви лица Охрид денес го одбележа седумдесетгодишен јубилеј. На настанот на кој присуствуваа членови на Здружението и соработници, низ емотивни излагање беа изнесени активностите кои ги одбележале овие изминати години постоење, придонесот на Здружението, но и на поединци во развојот на истото.

Секогаш зборувам дека Здружението е потреба. Нашите членови влегуваат во Здружение од потреба. Меѓутоа, јас сметав дека не само потреба, дека на таа потреба треба да надоградиме и содржина, радост, активности, патувања, и помош и отворена врата за попреченост каде може да дојдат само за совет, само за дружење, за едно обично кафе, или можеби упис на факултет, или во средна школа, или совет за врботување или дилеми околу некои семејни ситуации и како да постапат. Не само јас како секретар туку, самото членство, учиме низ овие години, едни од други, вели Стефаноска.
Потенцираше дека во нашата држава има убави закони со кои се опфатени овие лица, но потребно е вели надградба, измени.
Треба да има некој правилник, надградба или измена во некој член што не одговара. Сега најмногу сме посветени, нашето Здружение бидејќи ја осеќаме потребата, на законот за пензионирање. Глувите луѓе работат до 64 години, со 70% оштетување, телесно оштетување, работа рамноправено со другите. Ќе се вработат на 18 години, ќе требат 43, 4, 5 години да работат. Тука треба да има измени во законот, кои ќе им помогнат на глувите лица. Меѓутоа, тоа не може да биде стихијно. Затоа е многу потребно да има здруженија. Хуманата димензија не постои во нашиот законот. Скоро со сите министри за труд и социјална политика сме разговарале како здружение. Сите наоѓаат разбирање, меѓутоа, се уште не е најден модулот.
Како пример ја посочи Србија каде овој проблем е решен со тоа што ако глувото лице го одработи своiот работен стаж, 35 години жена, 40 години маж, автоматски заминуваат во пензија без разлика на возраста.
Бидејќи со годините, покрај примарната попреченост, покрај глувоста, ќе се појават и други болести, попреченост. Уште повеќе ќе се потенцираат и други работи и доаѓаат години кога се немоќни физички да работат, а од друга страна па и работодавачите држат работници кошто не си ја вршат своiата работа. Мислам дека сега е тоа најголемиот проблем со кој што се среќаваме, додаде.
Вели вработувањето на глувите лица не е проблем, но се менуваат општествените прилики и апелира посебно до младите ако сакаат убава иднина, плата и работа, да се менуваат и да држат чекор со времето.
Од друга страна, можам гордо да изјавам дека во нашето Здружение ние немаме социјален случај, ниту сме имале социјален случај, бидејќи духот на нашето здружение, да се образоваат младите, да се вработуваат, да си го одработиме чесно работниот век, да имаме нови професии, да имаме дружба, да имаме патувања, да имаме контакти. Живот со полна плуќа, без разлика на попреченоста, на наш начин, на начин на светот на тишината.
Како и секое Здружение вели проблеми има, но се обидуваат да ги решаваат и надминуваат истите. Имаат одлична соработка со локалната самоуправа, а изминатиот период биле реализирани обука со вработените од шалтерски места со кои се среќаваат глуви лица со обуки на знаковен јазик, со печатање на прирачник со основните знаци кои им помагаат на глувите. Со дигитализацијата, посочува, ќе биде и малку полесно. Соработката со сите институции во градот вели е одлична, мал град сме, меѓутоа компактен.
Во план ни се одржување на обуки за младите за ИТ вештини, но специјализирани кои ќе им помогнат за полесно да се вработат, соработка со други здруженија, значи вмрежување со различни здруженија и ние во нашето работење да го фатиме чекор со современото општество. Меѓутоа, да ја задржиме онаа нишка на заедништво, на љубов едни меѓу други, на дружба и на врата отворена за секаков животен предизвик. Здружението јас го доживувам како дел од домот и од животот, бидејќи тоа се години и пријателства за цел живот. Има многу радосни, но и емоционални и тажни денови и моменти. Сепак да бидеме позитивни и попреченоста да не ја гледаме како пречка, туку како ситуација со кој што живееме и која што ќе ја надминиме, додава Стефаноска.
Инаку, Здружението во Охрид е формирано во 1955 година и сеуште го има истиот регистар за упис на членови. Бројката, пак, е варијабилна, но се движи околу 150.

Фото галерија:
Јубилеј 70 години Здружение на глуви и наглуви лица Охрид
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска







































