Имаме голема одговорност да создадеме и обликуваме регион што ќе биде стабилен, инклузивен и способен да го користи сопствениот културен потенцијал како двигател на развојот. Културата што денес ја негуваме, утре ќе биде јазикот преку кој нашиот регион ќе зборува со заемна почит, доверба и визија, рече во обраќањето министерот за култура и туризам Зоран Љутков на отворањето на конференцијата на „Советот на министри за култура од ЈИЕ (CoMoCoSEE) посветена на јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ која се одржува во Охрид.

Нашата заедничка иницијатива за воспоставување Регионален фонд за културна соработка може да биде важен институционален чекор кој има потенцијал да обезбеди стабилност, предвидливост и професионализација на регионалните активности. Искрено верувам дека 2026 година и претседавањето на Република Молдавија со Советот на министри за култура се реална можност за негово финално воспоставување, што ќе ја потврди нашата способност, но и зрелост да го претвориме заедничкиот интерес во конкретен механизам. Само на тој начин Комокосе (CoMoCoSEE) ќе биде релевантна платформа која ќе генерира влијание и ќе трасира остварување на заеднички посакуваните цели, потенцираше Љутков.

Истакна дека со Регионалната стратегија за културна соработка во Југоисточна Европа, усвоена во Охрид (2014), биле поставени темелите на соработка, посочувајќи дека денес е очигледно дека формалниот избор на приоритетите мора да се прошири со функционални механизми и со зацврстена меѓусебна доверба.

Културните политики се најуспешни тогаш кога се втемелени и на институционална рамка и на човечка интеракција, нивната сила произлегува истовремено од визијата и од луѓето што ја реализираат. Нашето културно наследство, како материјален и нематеријален ресурс бара внимателно и одговорно управување. Во средините во кои се евидентни климатските промени, деградацијата на просторот и притисокот од масовниот туризам, станува неопходно да се применат интегрирани методологии кои ги поврзуваат научните знаења и практиките и современите технологии. Заштитата на наследството во таа смисла е чин на стратешко планирање, но и чин на одговорност кон идните генерации. Преку дигитализацијата ја прошируваме можноста културата да стане достапна без просторни и социјални ограничувања. Таа истовремено го засилува потенцијалот на културните и креативните индустрии, како значаен сегмент од современите економии. Во овој контекст особено е значајна улогата на локалните заедници. Кога граѓаните се вклучени во креирањето, интерпретацијата и заштитата на културните практики, се создава стабилна основа за долгорочна одржливост и автентичен развој, додаде Љутков.

Директорката на Регионалното биро за наука и култура во Европа на УНЕСКО, Магдалена Ландри, посочи дека Југоисточна Европа е регион со извонредно културно богатство и културна разновидност, а УНЕСКО повеќе од три децении гордо поддржува иницијативи што го заштитуваат и промовираат овој извонреден културен пејзаж.

Во овој дух, Комокосе стои како доказ за вашата стратешка визија и напори. Препознавајќи ја културата како сила што не само што го почитува нашето минато, туку и активно ја обликува нашата колективна иднина, силно ве повикуваме да ја земете предвид културата и институциите на земјата, како и практиката на наследство на земјата, и да се осигурате дека културното творештво се развива во сите области на развој. Исто така, би сакала да истакнам колку тесно се усогласува нашата и вашата визија со документот Mondial Kult 2025 за низа многу различни теми. Прво, во врска со културните права како човекови права, го потврдуваме фундаменталното право на секој поединец да учествува во културниот живот преку зголемен пристап, уживање и автономија за сите. Во врска со културата и образованието, ја препознаваме потребата од систематска интеграција на културното наследство, културните изрази и уметноста во сите форми на образование, без разлика дали е формално или неформално. Во врска со културната економија и пристојната работа, инвестирате многу во креативните индустрии како двигатели на инклузивен и одржлив развој, значително придонесувајќи за националните, регионалните и глобалните економии. Ова се рефлектира во имплементацијата на индикаторите за култура на УНЕСКО 2030 во пет земји и градови, со уште два дополнителни учесници кои ќе се приклучат во 2026 година, рече во обраќањето Ландри.

Истакна дека мисијата на УНЕСКО за заштита на културното наследство води кон поттикнувањето на меѓународната културна соработка која е поважна од кога било.

УНЕСКО, и најважно од сè, Регионалната канцеларија во Венеција, останува посебен партнер на Комокосе, целосно посветен на поддршка на мисијата за унапредување на културната соработка, добрососедските односи и регионалниот мир. Затоа, би сакал да го пофалам лидерството на Република Северна Македонија во приоритизацијата на заштитата и промоцијата на културното наследство преку националните политики за развој, додаде.

Министерот за култура на Молдавија Кристијан Јардан, како претставник од земјата која ќе биде иден претседавач со Комокосе посочи дека Советот се покажал одамна како неопходна платформа за регионална културна соработка, преку својот меѓувладин карактер, својот дух на солидарност.

Овој Совет обезбедува единствена рамка што ги поврзува националните културни политики со европските и меѓународните стратешки цели. Културата не е само наследство. Таа е движечка сила за развој, простор на слобода и идентитет, основа на демократијата и алатка за зајакнување на мирот. Нашиот регион има огромен потенцијал, а Комокосе покажува дека заедно можеме да го трансформираме овој потенцијал во конкретни, одржливи и значајни резултати, потенцираше Јардан.

На конференцијата ќе биде усвоена Охридската декларација „Одржливи културни модели за иднината“ која опфаќа заштита, конзервација, зачувување и промоција на културното наследство, зголемување на отпорноста на културното наследство, унапредување на употребата на дигиталните технологии во зачувувањето, документирањето и промоцијата на културното наследство, промовирање на етичка употреба на вештачката интелигенција (ВИ) и инклузивна примена на новите технологии, зајакнување на вклученоста на локалните заедници, воведување современи политики и практики, како и интензивирање на регионалната и на меѓународната соработка во културните добра, ревитализација, функција на заштита на дигитализација, промоција, презентација и едукација поврзана со културното наследство.

Инаку, Македонија го презеде претседателството со „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ во 2024 година од Црна Гора.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска