Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во Охрид, оствари работна средба со градоначалникот Кирил Пецаков, претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески, претставници на хотелите и претставници од Факултетот за туризам и угостителство при Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола.

Во Охрид ги отворивме најзначајните теми за туризмот во регионот: ненавремената категоризација и административните процедури, недостигот од квалификуван кадар во сезоната, падот на квалитетот на услугата и оптоварената инфраструктура, кратката туристичка сезона и нестабилните приходи, како и потребата од регулирање на праксата со напојниците и формирање туристичка инспекција, информира Љутков.
Сите информации, предлози и барања што произлегоа од средбата, посочува, ќе бидат доставени до Советот, кој ќе ги разгледа на следната седница, а по потреба и до Владата, со цел обезбедување навремена институционална поддршка и носење соодветни мерки за унапредување на туристичкиот сектор.
Убеден сум дека само преку заеднички, координиран и интегриран пристап можеме да ги надминеме долготрајните предизвици и да изградиме одржлив туристички систем. Формирањето на Советот е важен чекор кон поефикасно, конкурентно и современо позиционирање на Македонија на меѓународната туристичка мапа, додава Љутков.
OhridNews













