Дополнителниот временски период кој ни е даден со одлуката донесена на 47-та сесија на Комитетот за светско наследство во Париз за зачувување на статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО не смееме да го сфатиме како некое одложување, туку како обврска и забрзана акција поради што почнавме да работиме многу брзо, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков на третата седница на Националната комисија за УНЕСКО во Охрид.

Денес на овој состанок се донесоа конкретни заклучоци за брза интервенција во сите сегменти. Се предвиде временска рамка за реализација на сите предвидени активности, за што понатаму ќе биде информирана Владата и јавноста. Секој орган и секоја институција ќе ги преземе во најбрз можен рок своите надлежности без одложување, бидејќи само со заедничка координирана акција ќе покажеме конкретен и видлив напредок и ќе го заштитиме Охридскиот регион. Охрид е наша гордост, но и наша обврска и затоа секој ќе мора да си преземе одговорност во овој процес, истакна Љутков.

Потенцираше дека денес биле дадени задолженија сите инстутуции кои се вклучени во овој процес веднаш да постапуваат по препораките кои ги даде Комисијата на 47-та сесија.

Станува збор за доста препораки, но голем дел од работите во овој период како Општина Охрид, Министерството за животна средина, Министерството за култура и туризам, Министерството за транспорт и врски ги имаат испочитувано. Втората работа која е многу важна е што долго време нема меѓу институционална координација, меѓу институциите и министерствата. Овој состанок беше многу важен да се постават луѓе од секоја институција и министерства кои ќе работат 24/7 на оваа проблематика и ќе имаме координирана акција во овој временски период. Ќе треба да се фокусираме на препораките кои ни се дадени, истакна Љутков.

Додаде дека следува многу тежок временски период во време на избори што дополнително ја отежнува работата.

Ќе треба да носиме и дополнително законски измени во овој процес, но верувам дека ќе можеме со овие конкретни мерки да го забрзаме целиот процес и до крајот на 2025 година веќе ќе треба да ги имаме резултатите, а до 1 февруари 2026 година да го поднесеме извештајот. Ќе има јасни препораки до секоја институција што треба да се испочитува во својот законски рок, истакна Љутков.

Потсети на одлуката на 47-та сесија на Комитетот за светско наследство во Париз на која учествуваше и официјална делегација од Македонија каде беше разгледана состојбата на Охридскиот регион при што беше усвоена одлука со која на Македонија и Албанија им беше даден дополнителен рок помалку од една година за спроведување на корективните мерки со цел да се обезбеди зачувување на статусот на регионот и неговата универзална вредност.

Благодарение на заедничкото интензивно делување и дипломатската офанзива успеваме да обезбедиме простор и време да се реализираат понатаму потребните активности. Веднаш после одлуката на Комисијата на УНЕСКО на седницата во јули како Влада донесовме заклучоци кои се во постапка на имплементација, а Министерството за култура и туризам активно учествува со свои претставници во сите работни групи. На седницата во јули Владата ги задолжи Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за култура и туризам, општините Охрид, Струга и Дебрца во наредниот период да подготват и достават до Владата предлог закон за изменување на Законот за управување со светското природно и културно наследтсво во Охридскиот регион. Потоа да се разгледа Планот за справување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, особено во делот на урбанизација и бесправно изградени објекти и да се предложи изменување и соодветни законски и други акти, и интензивно да се работи на спроведување на препораките од Извештајот на УНЕСКО, посочи.

Потребна е, вели Љутков, јасна координација и одговорност бидејќи обврската е до 1 февруари 2026 година Македонија заедно со Албанија да достави извештај за напредокот во заштитата на Охридскиот регион.

Ова е предизвик, но и можост да се покаже дека кога се работи за национален интерес можеме обединето и заедно да делуваме. Како држава ја преземаме оваа обврска со највисока одговорност и целосна мобилизација на сите институции, додаде Љутков.

Н.С.Ј.

фото. Министерство за култура