Утре истекува рокот во кој согласно измените на Законот за здруженија и фондации, постоечките бугарски здруженија „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“, треба да ги сменат имињата, во спротивно се соочуваат со нивно затворање.

Од Централниот регистар потврдија дека на 10 февруари е доставен допис со барање за усогласување на работата на Здружение за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ Охрид и дека постапката è во тек, додека за здружението „Иван Михајлов“ од Битола досега не е поднесено барање.

Адвокатот Владо Чингоски во емисијата “Напладне” истакна дека не очекува да ги променат имињата, а не очекува ниту дека Министерството за правда ќе преземе нешто по однос на ова прашање.

Сега повторно ќе се подигне атмосферата, па ќе реагира Софија дека еве повторно се оди против македонските Бугари и ќе се обидат да извршат врз нас притисок преку Европската Унија онаму каде што се членки. Тоа што посебно го побараа да има мониторинг на  правата на Бугарите во Македонија, вели Чингоски.

Денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи одржа средба со Ѓорѓи Трендафилов од Граѓанско демократската унија (ГДУ) и претседателот на клубот „Ванчо Михајлов“, Љупчо Ѓоргиевски, по која беше истакнато дека активностите ќе бидат во насока на релаксирање на односите меѓу Скопје и Софија.

Прашан дали на средбата претседателот на клубот „Ванчо Михајлов“, Георгиевски, го отворил прашањето за пререгистрација на здруженијата, чиј рок истекува утре, Трендафилов одговори дека за тоа не било посебно разговарано.

Не посебно. Јас ја видов изјавата за Дојче веле мислам од господинот Георгиевски дека тие немаат намера да отстапат во овој момент и дека презеле одредени правни лекови кои им стојат на располагање. Ќе видиме што ќе се случи понатаму. Не беше посебно како тема, одговори Трендафилов.

Претходно, МНР соопшти дека средбата со претставници на различни организации на бугарската заедница во Северна Македонија поминала во позитивна атмосфера и биле размените мислења за прашања коишто ја засегаат бугарската заедница во земјава, предизвиците со кои се соочуваат нивните здруженија, како и можностите за подиректна и поинтензивна соработка со државата.

На средбата беше изразено задоволство од директниот пристап во размената на мислења, како и интенцијата за повторна средба и засилена динамика на комуникација, со цел подиректно вклучување на бугарската заедница и здруженијата кои нив ги претставуваат во рамките на редовната соработка на државата со граѓанскиот сектор, соопшти МНР.

Инаку, според постечката легислатива, доколку двата клуба не го сменат името, треба да заседава владината Комисија и да донесе став, што потоа треба да биде доставен до Министерството за правда и врз основа на тоа министерот да донесе одлука. Доколку одлуката е негативна, здружението треба да биде избришано од Централниот регистар.

Според измените на Законот за здруженија и фондации усвоени во ноември 2022 година, се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх и сл. Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда.

Со измените се уредува дека „како име или назив на здружение не можат да бидат употребени имиња што по која било основа во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстремизам, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и третиот рајх. Ако во името на здружението е содржано такво име, одобрение дава министерот за правда, по препорака на  Комисија која ќе биде формирана од министерот за правда со претставници на Министерството за култура, Институтот за национална историја, МАНУ и Министерството за правда“.

OhridNews