Настан за паметење проследен со бурни овации и ракоплескања од страна на публиката донесе синоќа новогодишниот концерт со светски познатиот квартет „Диогенес“ во организација на фестивалот „Охридско лето“.
Изминативе 62 години Националната установа „Охридско лето“, како претставник и промотор на врвната уметност, прикажува едно континуирано високо ниво на програмски содржини и ексклузивни уметници, како од земјава, така и од светот. Нашата заложба е фестивалската рамка да ја прошириме и надвор од традиционалната, 12 јули-20 август, и тоа успешно го правиме изминативе години. Горда сум што сега за првпат успеавме да реализираме новогодишен концерт со што потврдуваме дека сме скалило погоре во негувањетo и презентирањето на врвната уметност. Тоа е единствениот начин со кој ја оправдуваме водечка улога за обезбедување и презентирање на културните вредности, рече директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Едноставно, ова е фестивал кој во себе ја има длабоката суштина на уметноста со што стана еден од најпрепознатливите брендови на земјава, во регионот и во Европа. „Охридското лето“ својата мисија на пријателски мост со светот ја шири и со овој празничен концерт. Се разбира дека сите фестивалски вечери на оваа институција се празник, но оваа вечер, пред Нова Година носи посебна свеченост и грижа за публиката. Фестивалот ни порачува дека врските кои културата ги гради се нераскинливи и трајни, и дека уметноста го облагородува животот и ги обединува луѓето, што е осбенво важно во време на празници. „Охридското лето“ ја покажува својата големина испишувајќи ја својата приказна во текот на целата година, најавувајќи нови копродукции и настани во рамки на Иницијативата Отворен Балкан, и како членка на Европската асоцијација на фестивали, истакна министерката Костадиновска- Стојчевска.

„Охридско лето“ е предизвик, секоја следна година да биде поголемо и позначајно, да се надополнува и надградува со нови содржини, токму благодарение на поддршката што ја добиваме од Претседателот на државата како покровител на Фестивалот, Министерството за култура, Општина Охрид, од нашите спонзори и помагатели, како и од Амбасадите во Република Северна Македонија, додаде Поповиќ.
Во прекрасниот настап на уметниците од Германија уживаа бројни љубители на уметноста меѓу кои дипломати и познати личности од јавниот живот.
OhridNews











