Катастрофата во дискотеката „Пулс“ во Кочани не е само како последица на активација на пиротехниката, туку на серија институционални пропусти и неодговорност, рече во воедното обраќање на денешното судење обвинителот Борче Јанев од Основното јавно обвинителство Кочани образложувајќи ја обвинителната постапка за трагедијата во дискотеката „Пулс“.

Во Кочани не изгоре само објектот, со него изгоре и илузијата дека одговорните во системот се тука кога треба да заштитат. Изгоре и вербата дека оној што бил повикан постапил навреме да спречи. Изгоре за жал и иднината на невини млади луѓе кои сакале само радост и забава таа фатална вечер. Нивните животи згаснаа, а душите и телата на повредените настрадаа, не само поради огнениот вител, туку и поради вителот на долготрајна и институционална неодговорност, рече обвинителот.

Посочи дека ако сега се премолчи, ако не се соочиме со целосната димензија на оваа ненадоместлива загуба и оваа невидена трагедија никогаш нема да имаме сила како општество да тргнеме на патот кон заздравување. Клубот „Пулс“, истакна, отсекогаш бил безбедносна смртоносна стапица, а никулците на оваа невидена катастрофа биле одамна изникнати и сите предуслови за тоа одамна поставени.

Безсмислени се тезите дека на одговорност треба да биде повикан само оној во чие време се случила последицата. Немаме морално и законско право. Тоа би значело дека треба да прифатиме дека обвинетите службени лица кои не биле на должност кога се случила последицата немаат вина, иако се работи за исти повторувачки пропусти. Во овој случај не затаиле само обвинетите кои биле на должност. Не се работи за гледишта на обвинителството, туку за норма, рече Јанев.

Воедно истака дека објектот работел незаконски, без минимално течнички услови, без систем за противпожарна заштита, а обвинетите се товарат дека не спровеле инспекциски надзор, издавале лиценци спротивно на закон, дозволувале влез на малолетници и преполнетост на капацитетот, додека критичната вечер биле употребени пиротехнички средства без дозвола, што директно довело до пожарот.

Од почетокот до пожарот не постоел противпожарен систем, немало противпожарни сектори, детектори, предупредувања. Со вакви аномалии нема одбрана од опасноста. Прозорците биле затворени и преградени со лим, вградени лесно запаливи материјали кои биле токсични во случај на согорување, а се ова во услови на еден единствен излез за евакуација.  Критичната вечер во просторијата без вентилација и помошни излези за евакуација, агенцијата за обезбедување и обвинетите обезбедувачи дозволиле дискотеката да се пренатрупа. Обезбедувањето пуштило внатре над 600 луѓе, без идентификација на малолетниците. Ако дискотеката не беше обложена со отров кој убива побрзо од пламен, немаше да се случи катастрофата. Затоа тврдиме дека оваа дискотека работела спротивно на стандардите, законот, здравата логика и принципот на одговорност. Бараме одговорност по име и презиме, правда, но не заради утеха, туку како последица на незаконитост, за да никогаш повеќе самоволието не биде посилно од човечкиот живот, додаде Јанев.

Во несреќата во дикотеката „Пулс“ во Кочани која се случи на 16 март годинава, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Обвинети се 38 лица, од нив 35 физички и три правни кои се товарат за тешки дела против општата сигурност. Основниот кривичен суд Скопје на почетокот на денешното судење одлучи постапката за овој предмет да се спои со постапката и против сопственикот на агенцијата „Рубикон“ што ја обезбедувала дискотеката „Пулс“.

OhridNews