Општина Охрид објави Јавен повик за субвенционирање на дел од уплатената туристичка такса која ја уплаќаат физичките лица кои вршат угостителска дејност во општина Охрид.

Целта на оваа активност е поттикнување на физичките лица кои вршат угостителска дејност и се запишани во регистарот кој го води Градоначалникот на општина Охрид согласно член 4 од Законот за угостителска дејност, редовно и навремено да ја подмируваат туристичката такса, со што се очекува добивање на пореален приказ за бројот на остварени ноќевања. Дополнително ваквата активност ќе придонесе кон подигнување на квалитетот на сместувачките капацитети, се наведува во повикот.

Вкупниот износ на субвенциите не смее да го надминува предвидениот износ одобрен во Програмата Г2 за тековната година.

Во случај на пристигнати барања за субвенции во вкупен износ поголем од предвидениот со Годишната Програма,изборот на апликантите кои ги исполнуваат условите ќе се прави редоследно според поднесување на барања во архивата на општина Охрид, стои во повикот.

Право на субвенционирање на ТПП имаат сите физички лица вршители на угостителска дејност од мал обем во општина Охрид кои:

  • се регистрирани во регистарот на физички лица кои вршат угостителска дејност за
    сместување и поседуваат Решение за упис во регистарот;
  • поседуваат важечко Решение за извршена категоризација на сместувачкиот објект;
  • уредно ја уплатиле таксата за привремен престој на домашни и странски гости.

Крајниот рок за пријавување е 01.12.2025 год. Повеќе информации за јавниот повик на линкот.

OhridNews