Јавните претпријатија за водни услуги од една страна се соочуваат со сериозни загуби на вода, а од друга страна со слаба наплата, инфраструктурата е стара и дотраена, а цената на водата како стратешки ресурс не се утврдува соодветно. Затоа е потребна промена на концептот и начинот на носење одлуките за тарифите за водни услуги и зголемување на цената за одржливост на јавните претпријатија и намалување на загубите на вода во Македонија. Ова се дел од препораките на учесниците на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“ што вчера и денеска се одржува во Охрид во организација на АДКОМ – Здружение на даватели на комунални услуги на РС Македонија.

Загубите на вода во Македонија се високи 63 проценти. Според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски за нивно намалување треба да се промени концептот на одредеување на цената на водата и наместо општинските совети, како до сега, тоа треба да го прави Регулаторната комисијата.

Тоа што јасно го предлагаме и ние и здружението АДКОМ е концептот и начинот на носење на одлуките за тарифите за водни услуги да се промени и наместо како што е досега Регулаторната да дава минимална и максимална цена, па понатаму преку советите да се определува конечната цена, јасно предлагаме тој товар да го реземе Регулаторната комисија за енергетика и да носи цена. На тој начин со нашите методологии,кои се поттикнувачки веруваме дека ќе влијаеме на подобрување на економските перформанси на претпријатијата, оптимизирање на нивната работа и намалување на загубите на водни услуги, рече Бислимовски.

Според него, мора да се променат работите за да не се доведеме до ситуација од земја богата со вода Македонија да има недостаток.

Со АДКОМ ќе преземеме некои чекори и верувам дека во наредниот период ќе има процес на намалување на загубите, инвестиции кои се особено битни за водоводните претпријатија и сето тоа ќе доведе до подобра услуга до крајните корисници, наласи Бислимовски.

Директор на јавното претпријатие „Солидарност“ Виница, Игор Спасовски и член на АДКОМ истакна дека јавните претпријатија се на прагот на рентабилноста, голем број едвај врзуваат крај со крај, а за година-две рече оти ќе нема да можат да функионираат нормално.ж

Ги плаќаме трошоците за енергија и нафта и за инвестиции неможеме ни да посмислиме. За реконстукција на водоводната мрежа, дигитализација, обнова, односно поставување смарт паметни водомери, не можеме сами потребна ни е помош, рече Спасовски.

 

Во однос на актуелните цени за водата за пиење која ја плаќаат корисниците, нагласи дека се под минималниот праг за рентабилно да работат.
И тој посочи дека РКЕ и АДКОМ покренале иницијативи и чекори за конечната одлука за висината на цената на водните услуги во секое комунално претпријатие да ја определува Регулаторната Комисија.

Од една страна ќе го одбегнеме социјалниот момент кој секоја општина, совет се труди да го држи, затоа РКЕ кога досега ќе понудеа минимална и максимална цена советите скоро секогаш ја одбираа минималната и со тоа ги довеадоа комуналните претпријатија до оваа состојба, со која уште година две нема да можеме да функионираме нормално, подвлече Спасовски.

Аида Јусуфхоџиќ, советничка за развој на капацитетите во ГИЗ во Босна и Херцеговина посочи дека состојбата со јавните претпријатија е слична во целиот регион. Во однос на рентабилноста на јавните претпријатија во БиХ со сегашните цени, таа вели дека тешко работат, се субвенцираат, но постои проблем со превработеност и неадекватен кадар.

Има доста претпријатија кои се во проблем и се пред стечај токму заради проблемите со тарифите и цените на услугите, рече Јусуфхоџиќ.

Според неа, проблемот е повеќе од политичка природа, бидејќи, како што посочи, кога гледате здраворазумно не можете да сфатите како е можно се друго да поскапи, а луѓето тоа да го прифатат, а не можат да прифатат да поскапи нешто како што се комуналните услуги. Смета дека треба да се работи не само со политичарите на подигнување на свеста, туку и со пошироката јавност, граѓаните да сфатат што значи само еден ден без вода или без санитарни услуги.

Без тоа не можеме да развиваме ни економија, ни туризам, ни бизнис и цената е многу мала за тоа што го добиваме. Водата е човеково право кога ќе се земе од изворот, но за да се испумпа и донесе до нечиј стан, да се пречисти, да има соодветен квалитет, да имаме водомер и комплетна услуга на одржување на цевководите тоа чини и  мислам дека и граѓаните и политичарите треба да бидат подготвени да го сфатат тоа, а не да ги уништуваме претпријатијата кои ионака се во многу тешка ситуација, додаде Јусуфхоџиќ.

Г.М.