Со јога на изгрејсонце на брегот на Охридското Езеро кај плажата Куба Либре јога-ентузијасти го одбележаа Меѓународниот ден на јогата. Атмосферата на топлото јунско утро, нежната сончева светлина, пеењето на птиците и живописниот пејзаж беа совршена позадина за овој прексрасен настан.
Оваа година во Охрид јогата ги обедини не само локалните жители, туку и гости од други градови кои дојдоа да одморат покрај езерото. Вкупно 25 учесници, мажи и жени од различна возраст, ниво на подготвеност и од различни националности се собраа за заедно, во еден здив и ритам, да изведат 54 круга „Поздрав на Сонцето“. Ова е адаптирана верзија на класичната пракса, прилагодена за луѓе со различна физичка подготвеност. Часот се одвиваше во пријатно, умерено темпо, со акцент на свесност и грижливо однесување кон телото, вели јога-инструкторката Викторија од Охрид која го организираше настанот.
Потенцираше дека целта на настанот не е да се постигнат рекорди, туку да се приближи јогата како нежна, но длабока дисциплина, достапна за секого.
По час и половина движење и дишење, учесниците споделија дека чувствуваат прилив на енергија, ментална јасност, свежина и подобро расположение. Ваквите практики не само што го зајакнуваат телото, туку и го намалуваат стресот и помагаат да се постигне внатрешен мир, посочува Викторија.
Воедно ја сподели и својата визија во иднина, можеби веќе следната година, да собере практиканти не само од цела Македонија, туку и од странство, на настан кој би се одржал на Античкиот театар во Стариот град.
Истакна дека сѐ поголемиот интерес за јога и здрав начин на живот во Охрид е позитивен сигнал за градот, а ваквите настани им овозможуваат на жителите и туристите да се почувствуваат како дел од едно глобално заедништво, ги инспирираат да се грижат за себе и да градат култура на свесен однос кон телото и духот.
Со својата природна убавина, посебна атмосфера и богато културно наследство, Охрид навистина станува идеално место каде луѓето може да се поврзат преку јогата, движењето и внатрешна рамнотежа.
Инаку, Меѓународниот ден на јогата се одбележува секоја година на 21 јуни, почнувајќи од 2015 година, кога и официјално е прогласен од Генералното собрание на ОН. Датумот не е случаен и се поврзува со летната долгоденица која го симболизира почетокот на нов астрономски циклус и се смета за особено поволен момент за внатрешна трансформација.
Низ целиот свет, практиканти на јога се собираат во студија, на плоштади и во паркови за да ја изведат „Сурја Намаскар“ – „Поздрави на Сонцето“ – 108 пати. Оваа бројка има длабоко симболично значење. Имено во хиндуизмот богот Шива има 108 имиња, а според будизмот, постојат 108 страсти кои го заматуваат јасното согледување. Интересен факт е дека растојанието меѓу Земјата и Сонцето е приближно 108 пати поголемо од дијаметарот на самото Сонце кој е симбол на хармонија и природна пропорција.
OhridNews