ЈП „Охридски Комуналец” денес го одбележа својот патронен празник „7-ми Ноември”. Пред присутните вработени, градоначланикот на општина Охрид Кирил Пецаков, пратеници во Собранието, директорите на другите јавни претпријатија, се обрати директорот Сашо Најдески кој посочи дека јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ со децении е дел од секојдневието на охриѓани.

Од далечната 1952 година започнува приказната за една мисија — да го направиме Охрид поубав, почист и поуреден град. Од раното утро до доцна навечер — наши екипи се грижат за чистите улици, зелените паркови и здравата околина. Формирано од страна на Советот на општина Охрид, Ј.П.„Охридски Комуналец”-Охрид денес е единствен извршител на комуналните услуги на територијата на Општина Охрид за собирање, транспорт и депонирање на комунален отпад, одржување на јавна чистота, како и одржување на градските паркови и зеленило, на целата територија на општина Охрид, рече Најдески.

Но, потенцираше дека нивната работа не е само чистење, туку таа е грижа, одговорност и љубов кон градот.

Во периодот што следи, ЈП „Охридски Комуналец“ заедно со општина Охрид започнува нова етапа во насока на обновување и модернизација на возниот парк.  Со нови, еколошки возила и современа опрема, ќе обезбедиме поекономично, поефикасно и еколошки одржливо работење. Нашата цел е едноставна, но голема: Чист Охрид. Зелен Охрид. Охрид на кој сите се гордееме, додаде Најдески.

Како благодарност за континуиран допринос и непрекинат работен стаж за 30, 20 и 10 години во претпријатието, доделени беа награди на 28 вработени.

OhridNews