Во рамки на проектот „Јакнење на капацитетите на ЈКП преку набавка на опрема“, на ЈП Водовод – Охрид му беше доделен современ апарат за детекција на дефекти во водоводните цевки, во вкупна вредност од 873.200,00 денари.
Основната цел на овој апарат е да го намали губењето на водата за пиење преку лесно, брзо и прецизно детектирање на дефектите во водоводната мрежа. Со набавката на оваа опрема значително се унапредуваат условите за работа, се овозможува поефикасно управување со системот, како и поквалитетни услуги за граѓаните на Општина Охрид. Истовремено, се очекува значително намалување на загубите на вода за пиење, кои во моментов изнесуваат околу 50%, што ќе придонесе за поодржливо користење на водните ресурси, велат од Центарот за развој на Југозападен плански регион.
Проектот е финансиран од Бирото за регионален развој, во рамки на програмата за рамномерен регионален развој за 2025 година, го реализираше Центарот за развој на Југозападен плански регион.
Инвестираме во модерна опрема за подобри, поефикасни и посигурни комунални услуги. Да ја чуваме водата за пиење – секоја капка е вредна. Со одговорно користење денес, обезбедуваме сигурна вода за утре и за идните генерации, потенцираат од Центарот.
OhridNews













