Збирката „Рајсфершулс“ од Јулијана Величковска во издание на ПНВ Публикации е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, објавена на македонски јазик. Одлуката ја донесе жири-комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година во состав: Санде Стојчевски (претседател), Зоран Анчевски (член), Иван Џепароски (член), Лулзим Хазири (член) и Иван Антоновски (секретар).

Големото творечко љубопитство, најверојатно, е мотивот Јулијана Величковска во својата нова книга да се обиде да се изрази преку еден посебен, обично поредок книжевен облик – песни во проза и на тој начин уште еднаш да го актуелизира прашањето за граничните области и форми меѓу жанровите. Авторката, просто, како да не ги пишува своите лирски записи, туку како да ги сложува – како да ги компонира од вообичаени изрази, од потсетување на слушнати разговорни фрази, од наслушнување на прифатливо согласје на лексичките единици, внесувајќи разиграност на еуфониските својства и можности на консонантите и самогласките, извлекувајќи ги сите творбени својства на јазичниот материјал и доаѓајќи до автентичен творечки резултат со гласот на лирскиот субјект. Впрочем, тоа се најавува уште со необичниот наслов „Рајсфершлус“, во којшто, се разбира, ги насетуваме и семантичките значења и плетки, па дури и плодоносните еуфониски хармонизирања, а очигледно, поетесата најмногу игра на убавиот предизвик на возбудлива читателска провокација – оние со љубопитен дух да можат да се вслушаат во ехото на тоа што Величковска го загатнува, стои во образложението на жири-комисијата.

Ова се специфичности и квалитети на првиот дел од книгата, додека вториот циклус, според жирито, нанесува уште еден семантички слој, главно со дијахрониски исход, зумирајќи врз природата и врз настаните поврзани со историските хероини што нејзе ѝ прават впечаток, но раздиплувајќи го текстот и на тој начин досипувајќи знаци, податоци и симболи од нашата современа цивилизација, поистоветувајќи го лирскиот субјект со дамнешните личности и судбини.

Оваа книга на Величковска се издвојува како многу ферментирана поетика, резултат на долготрајна творечка посветеност на ваквата „конечна“ целина. Едновремено, се издвојува и според авторската храброст – како на планот на формата во којашто „хаотичното“ добива совршен ред, така и на тематско-мотивски план, во интертекстуалните (вклучително и хипертекстуални) врски со книжевната и со културната/општочовечка историја, како и со транспонирањето на автопоетичкото во заедничко, ново, поетско и (с)мисловно достоинство на нашето постоење. Величковска се надоврзува на традицијата и врз неа гради нов стил и пристап во изразот на поетското „јас“, со тоа вложувајќи нови вредности во македонската поетска вертикала. И тоа со интерпретативна „неколкукатност“ – од митологијата, преку светската книжевна класика, сѐ до нашата современост во којашто битисуваат личното и поетско „јас“ на Величковска, посочуваат од жири-комисијата.

Најновата поезија на Величковска, може да се типизира како постмодерна, експериментална и длабоко феминистичка поезија којашто тежи да ги истражува идентитетот, телото, траумата и моќта на зборот. Клучна тема е телото – како објект на желба, на страв, како мајчинско тело, како сведоштво, формирано преку хумор и иронија. Песните во ова дело не се класично структурирани. Тие се фрагментарни, колажни, исполнети со метафори, дијалози, граматички термини, сказни и митови. Јазикот е свесно деконструиран – поетесата игра со неговите правила, го раскинува и повторно го составува, како што се шие/раскинува и женскиот идентитет низ текстот, или како што се отвора и затвора патентот (рајсфершлусот).

Величковска наградата им ја посвети на сите жени, чиј глас бил замолчан или стишан и на Драги Михајловси.

Наградата за мене е поттик да продолжам да работам подобро. Особено многу ми значи што бев меѓу овие петмина за мене прекрасни и драги колеги, поети. Тоа што мене многу ме радува на овој Фестивал е што гледам дека генерациите се доближуваат и се надминуваат разликите, не се доживуваме едни со други како конкуренција, туку како заедница и пријатели, рече Величковска.

Во најтесен избор, според жири-комисијата, влегоа Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска (Скопје: ПНВ Публикации, 2024) и „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ од Бранко Цветкоски (Скопје: Макавеј, 2025)

Јулијана Величковска е писател, уредник, преведувач и организатор на поетски фестивали. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, соосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор е на „Поетска ноќ во Велестово“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Авторка е на стихозбирките: „Рајсфершлус“ (2024), „Отворена книга“ (2017) и „Комарци“ (2010), на романот „Годишни времиња“ (2014) на книгата за деца „Ведра“,…

Во најтесен избор за наградата, според жири-комисијата, влегоа Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска (Скопје: ПНВ Публикации, 2024) и „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ од Бранко Цветкоски (Скопје: Макавеј, 2025).

OhridNews