Сеопфатна дата база со идентификувани илегални објекти на целата територија на НП Галичица ќе подготви Јавната установа Национален парк Галичица (ЈУНПГ) со оглед на фактот дека најголема закана за НП Галичица и охридскиот регион е масовната урбанизација.

 

Во план е да бидат опфатени околу 1000 хектари на урбани делови во паркот кои ќе бидат сликани со дрон. Потоа со помош на софтвер истите ќе бидат составени во карти со висока резолуција. Во програмот QGIS ќе се врши анализа и идентификација на сите илегални објекти во паркот, информираат од Установата.

Додаваат дека подготвената дата база и креираните мапи ќе бидат проследени до сите релевантни институции во земјата.  За оваа активност ЈУНПГ ќе користи опрема донирана од Шпанската амбасада.

Имено, во 2022 година ЈУНПГ и Шпанската амбасада во Р. С. Македонија започнаа соработка во која Шпанската амбасада донираше на ЈУНПГ персонален компјутер со високи перформанси и софтвер за креирање на ортофотомозаични карти.

OhridNews